У.бр.192/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 7 од Правилникот за критериумите и начинот на остварувањето на основното образование на учениците со пречки во развојот (“Службен весник на РМ” бр.27/96).

2. Александар Тилев од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување постапка за оценување законитоста на член 7 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот член од Правилникот не бил во согласност со Законот за основното образование затоа што за учениците со преки во развојот требало да се организираат посебни основни училишта и посебни паралелки при основните училишта, а не тие да се вклучуваат во паралелка во основните училишта до два ученика. Истовремено за учениците со пречки во развојот постојат посебни наставни планови и програми, бројот на учениците со пречки во развојот во паралелките е помал. Од друга страна пак, учителите и наставниците за ученици со лесни пречки во психичкиот развој треба да бидат лица со завршено соодветно дефектолошко образование.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 27 од Законот за основното образование Министерот за образование и физичка култура донел Правилник за критериумите и начинот на остварување на основното образование на ученици со пречки во развојот.

Во член 2 од наведениот правилник е предвидено дека учениците со пречки во развојот кои не можат да се вклучат во основно училиште заедно со другите ученици се вклучуваат во посебни паралелки при основно училиште односно посебно основно училиште.

Основното образование за ученици со пречки во развојот може да се организира и во други јавни установи (заводи, центри, болници и друго).

Статусот на ученик со пречки во развојот се утврдува со наод и мислење од надлежна стручна установа.

Во член 3 од правилникот е утврдено кои ученици се со пречки во развојот во смисла на член 2 од Правилникот.

Ученици со пречки во физичкиот развој (наглуви, глуви, слабовидни, слепи, со пречки во телесниот развој односно хронично болни); (ученици со лесна и деца со умерена и тешка попреченост); ученици со пречки во говорот; ученици со комбинирани пречки; ученици со воспитна запуштеност (асоцијално однесување) и престапничко поведение.

Во член 4 и 5 од Правилникот е утврден бројот на учениците со пречки во развојот во паралелка односно група.

Во оспорениот член 7 е предвидено дека во паралелка во основно училиште може да се вклучат до два ученика со пречки во развојот. Бројот на учениците во паралелката се намалува за три ученика по вклучен ученик во однос на бројот од 30 ученика доколку се обезбедени соодветни услови.

4. Според член 5 од Законот за основно образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97 и 82/99) е предвидено дека за ученици со пречки во физичкиот и психичкиот развој, зависно од видот и степенот на попреченоста се организираат посебни основни училишта и паралелки при основните училишта.

Во член 25 од наведениот закон е предвидено дека со посебни наставни планови и програми се организира и остварува воспитно образовната дејност за ученици со пречки во психичкиот и физичкиот развој, основно музичко образование, основно балетско образование и основно образование за возрасни.

Во член 27, пак, од Законот е предвидено дека поблиски прописи за критериумите и начинот на остварување на основното образование на ученици со пречки во развојот, основното музичко и блаетско и основното образование за возрасни донесува министерот.

Во начелото 2 од Декларацијата за правата на детето усвоена и прокламирана со резолуција на Генералното собрание на ОН 1386 од 20 ноември 1959 година е предвидено дека детето ужива посебна заштита и треба да му се даде прилика и олеснување со закон или други средства да се развие физички, ментално, морално и општествено на здрав и нормален начин и во услови на слобода и достоинство. Во донесувањето на законите кои се насочени кон таа цел, најдобрите интереси на децата треба да бидат главен мотив.

Во начелото 5 од наведената декларација е предвидено дека детето кое е заостанато физички, ментално или социјално треба да ужива специјална постапка, воспитување и грижа која ја бараат неговите посебни услови.

Во член 3 точка 1 од Конвенцијата за правата на детето усвоена од Генералното собрание на ОН со Резолуција 44/25 од 20 ноември 1989 година е предвидено дека во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето без оглед дека ги спроведуваат јавните и приватните инстиуции за социјална заштита, административни органи или законодавните тела.

Во член 23 од наведената конвенција е предвидено дека државите членки признаваат дека ментално заостанатото или физички инвалидното дете треба да ужива полн и достоинвен живот, во услови во кои го обезбедуваат неговото достоинство, ја поттикнуваат самостојноста и го олеснуваат активното учество на детето во заедницата.

Во член 29, пак, е предвидено дека државите членки се согласни дека образованието на детето, покрај другото, треба да биде насочено кон развој на личноста на детето, развој на надареноста и менталните и физичките способности до крајни граници.

Имајќи ги предвид наведените меѓународни документи за правата на детето, а посебно на децата кои се физички и ментално заостанати кои треба да уживаат специјална постапка, воспитание и грижа во Законот за основното образование се уредени прашањата кои се однесуваат на организирање на посебни основни училишта и паралелки при основните училишта за оваа категорија на деца, како и прашањата кои се однесуваат на условите што треба да ги исполнуваат учителите и предметните наставници кои ја обавуваат воспитно образовната дејност со деца кои се со пречки во психичкиот и физичкиот развој.

Од друга страна, пак, со законот е дадено овластување на министерот да ги утврди критериумите и начинот на остварување на основното образование на ученици со пречки во развојот.

5. Со оглед на тоа што врз основа на овластувањето во законот, во конкретниов случај министерот за образование и наука со оспорениот член 7 од правилникот, покрај другото, утврдил дека ученици со пречки во развојот можат да се вклучат во основното образование доколку не обезбедат соодветни услови, Судот смета дека поаѓајќи првенствено од интересите на децата за побрз развој на личноста на детето односно развојот на неговата ментална и физичка способност, а со цел за олеснување на активното учество на детето во заедницата, оспорената одредба од правилникот не е во несогласност со Законот и со меѓународните документи за правата на децата.

6. Со оглед на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.192/2001
30 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов