У.бр.154/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јануари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 во делот “а ќе се применува од 1 јули 2001 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на РМ” бр.50/01).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 154/2001 од 28 ноември 2001 поведе постапка за оценување уставноста на дел од членот 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за неговата согласност со членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека содржината на Законот има само пет члена, со тоа што во член 1 до член 4 се извршени изменувања и дополнувања на одредбите од истоимениот закон (“Службен весник на РМ” бр.37/97, 25/2000 и 101/2000) што се однесуваат на наплатата на придонесот за вработување и висината на паричните казни за прекршоците предвидени со тој закон. Во членот 5, кој е и последен, предвидено е дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”, а ќе се применува од 1 јули 2001 година.

5. Во член 52 од Уставот утврдено е дека законите и другите прописи пред да влезат во сила се објавуваат во “Службен весник на РМ” најдоцна во рок од седум дена од нивното донесување, а влегуваат во сила најдоцна осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Исто така, во овој член од Уставот утврдено е дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Имајќи ги во предвид наведените уставни одредби, како и делот на одредбата на членот 5 од Законот, според кој овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, Судот утврди дека иако во конкретниот случај формално правно е запазен принципот за објавување на законите пред нивното влегување во сила сепак, со самото предвидување дека овој закон ќе се применува од 1 јули 2001 година, а со оглед на фактот што истиот е објавен на 2 јули 2001 година, (поради кои факти и се оспорува неговата уставност), е создадена правна ситуација, односно можност истиот да се применува и наназад, пред неговото објавување, односно влегување во сила, што, од друга страна, значи дека овој закон има и повратно дејство

Имајќи го предвид ставот 4 на член 52 од Уставот, според кој законите само по исклучок, и тоа во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните, можат да имаат повратно дејство, како и содржината на Законот во целина, Судот утврди дека новите парични казни што се предвидени за прекршоците утврдени со овој закон се повисоки и како такви се понеповолни од претходните за субјектите (работодавеците и одговорното лице во Заводот за вработување) на кои се однесуваат казнените одредби. Поради тоа, Судот оцени членот 5 во делот “а ќе се применува од 1 јули 2001 година” од Законот не е во согласност со начелото за забрана на повратното дејство на законите утврдено во член 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.154/2001
16 јануари 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов