У.бр.232/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 6 од Законот за личното име (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/95), во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на делот од член 6 од Законот за личното име, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што во овој дел на одредбата се предвидувала правна последица на осудата што би можела да настапи по сила на закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 од Законот за личното име, нема да му се одобри промена на личното име, односно само на името или презимето “на лице против кое се води постапка за кривично дело кое се гони по службена должност или на лице кое е осудено за такво кривично дело, додека казната не е извршена или додека траат правните последици на осудата, како и” на лице за кое ќе се утврди дека барањето го поднело заради одбегнување на со закон утврдени обврски.

4. Во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, е вградена една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија преку начелото за владеењето на правото. Во член 13 став 1 е предвидено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука односно е вградено начелото на презумпција на невиноста. Во член 14 став 1 е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според член 54 став 1, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

5. Со оглед на изнесеното Судот смета дека со оспорениот дел од одредбата не се повредува уставното начело на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што овој дел од одредбата пред се има заштитна функција за непречено одвивање на кривичната постапка во сите нејзини фази, што се одразува преку времената забрана за промена на личното име, на кој начин не би можел да се промени идентитетот на граѓанинот, со што се овозможува функцијата на принципот на владеењето на правото.

Воедно Судот смета дека нема ни повреда на начелото на презумпција на невиноста утврдено во член 13 став 1 од Уставот, бидејќи оспорениот дел од одредбата по својата суштина не е казнена одредба и не го смета граѓанинот што бара промена на името за виновен пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука, па со самото тоа нема ни повреда на одредбата од член 14 став 1 од Уставот.

Во оспорениот дел од одредбата, покрај другото, е пропишано дека нема да се одобри промена на личното име и додека “траат правните последици на осудата”. Според Судот со тоа не е пропишана правна последица на осудата што настапува еџ леге, спротивно на уставниот постулат за поделбата на власта, затоа што пропишаното ги нема елементите на правна последица како што се определеност на кривично дело и казна што повлекува настанување на определена правна последица, ниту времето колку што ќе трае конкретната правна последица. Оспорениот дел од одредбата со иницијативата, исто така, нема правна сила на проширување на правното дејство на пресудата еџ леге ниту во однос на настанува-њето на некои други, во овој случај, конкретно неопределени правни последици на осудата. Тргнувајќи од овие неопходни правни основи и услови, може да се заклучи дека овој дел на оспорената одредба останува без функција со до евентуалното донесување на судска одлука со која ќе се определи настапување на определена правна последица на осудата со определено траење, ако судот се одлучил таква да примени.

Исто така, оспорениот дел од одредбата од членот 6 од Законот за личното име не е во несогласност со Уставот како што налага содржината на член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија. Одредбата по својата содржина во оспорениот дел не претставува ограничување на правата на граѓанинот надвор од случаите утврдени со Уставот, па нема ни повреда на член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 232/2001
16 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов