У.бр.163/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 147 став 1 од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.64/2000), во делот “врз основа на дозвола од високообразовната установа во која е избрано”.

2. Д-р Сотир Пановски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на делот од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој дел бил рестриктивен за лицата со наставно-научни и наставни звања на тој начин што тие лица не можеле да даваат интелектуална услуга надвор од нивното редовно работно време без дозвола од нивната високообразовна установа, поради што оспорениот дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 (основни слободи и права на човекот и граѓанинот), член 32 ставовите 1 и 2 (право на работа, слободен избор на вработување, … достапност на секое работно место на секого под еднакви услови) и со член 55 став 1 од Уставот (слобода на пазарот и претприемништвото).

3. Судот на седницата утврди дека член 147 став 1 од Законот определува дека “лице од една високообразовна установа може да врши високообразовна односно уметничка дејност во друга високообразовна односно уметничка установа во звањето во кое е избрано на иста или сродна наставно-научна односно уметничка област, врз основа на дозвола од високообразовната установа во која е избрано”. Судот исто така утврди дека според член 141 став 1 од Законот “лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање, …, засноваат работен однос и остваруваат права и обврски од работен однос…”.

4. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со оглед на тоа што оспорениот дел од законската одредба всушност припаѓа на правата на наведените лица од работниот однос, неговото уредување со Законот има основа во означената уставна одредба.

5. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата, Судот смета дека предвидувањето дозвола, од наведената установа за означените лица и во определената ситуација, не претставува повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот (животот, физичкиот и моралниот интегритет, слободата на движењето, уверувањето, совеста, мислата,….), ниту на правата околу работата (да работи, слободно да избере вработување,…), ниту на слободата на пазарот и претприемништвото (да дава и да прима стоки и услуги) бидејќи сето тоа избраното лице го има пред дозволата и го сочувува во истиот обем и квалитет и ако не добие дозвола дополнително да работи и во друга високообразовна или уметничка установа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.163/2001
9 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов