У.бр.159/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 276 во делот “и кое за последните пет години не е правосилно осудено за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот” од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (Службен весник на РМ” бр.14/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на оспорениот дел од член 276 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Според наводите од иницијативата оспорената одредба не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеите 1, 3, 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 2, член 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што на сторителот на кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот од член 297 од Кривичниот законик може да му се изрече казна што е утврдена со тој законик и дека таа казна може да се изрече со конкретна судска одлука. Според тоа казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и изречена казна со судска одлука. Тоа значи дека други и идни последици од осудата за делото, Уставот не допушта.

4. Судот на седницата утврди дека во член 276 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е предвидено дека “испит за инструктор може да полага лице кое наполнило 23 години возраст и има најмалку средно образование или на него еднакво училиште, кое има најмалку три години возачка дозвола од онаа категорија моторни возила за која му се издава дозволата за инструктор, кое е телесно и душевно способно да управува со моторно возило од онаа категорија за кое се издава дозволата за инструктор и кое за последните пет години не е правосилно осудено за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот”.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорената законска одредба која формално се однесува на условите за полагање на испитот за инструктори, Судот смета дека со неа се врши времено ограничување на правата и положбата на граѓаните како последица од осудуваноста за кривично дело што во теоријата на законодавецот на Република Македонија е познато како “правни последици од осудата”.

Според тоа за оцена на уставноста на оспорената законска одредба не е суштествено дали неосудуваност за кривично дело против безбедноста на сообраќајот како услов е во склад со барањата и стандардите на безбедноста на сообраќајот на патиштата, туку дали пропишувањето на ограничувањето во оспорената одредба има уставен основ.

6. Тргнувајќи од изнесениот пристап, Судот смета дека како првенствен критериум на уставноста треба да се имаат предвид означените одредби од член 13 и 14 на Уставот, кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

7. Со оглед на тоа што во конкретниов случај ограничувањето на полагање на испитот за инструктор настанува како правна последица од осудата по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни односно санкции, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.159/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов