Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000).
2. Андоновски Александар од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативат за поведување постапка за оценување уставноста на член 36 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата највисоката старосна пензија која се утврдувала согласно оспорениот член од Законот не била соодветна на вложувањето во пензискиот фонд на осигуреникот за време на неговиот работен век од 40 години, односно на 80% од тоа вложување, поради што со овој член од Законот се повредувало правото на сопственост, како и правата што произлегувале од неа загарантирани со членот 30 став 1 и 3 од Уставот. Освен со членот 30, оспорениот член од Законот не бил во согласност и со членовите 8 и 9 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.216 /99 од 15 декември 1999 година не повел постапка за оценување на членот 36 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување според кој највисоката старосна пензија не можела да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7.
При тоа, Судот изразил став дека право е на законодавецот, во зависност од економската моќ на државата да определува лимит за најниската и највисоката пензија и дека оспорената одредба со ништо не ги прави граѓаните – пензионери нееднакви пред Уставот и законот бидејќи оваа одредба се однесува подеднакво на сите пензионери кои стекнале право на највисока старосна пензија, ниту пак со неа се доведува во прашање социјалната сигурност на осигурениците.
Судот со Решение У.бр.236/99 од 16 февруари 2000 година ја отфрлил подоцна поднесената иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на истиот овој член од Законот поради веќе пресудена работа.
4. Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорениот член 36 од Законот, со членот 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен во “Службен весник на РМ” бр.24/2000 е избришан, од кога овој член фактички и не е дел од правниот поредок на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд, во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.200/2001
26 декември 2001 година.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов