У.бр.128/2001

Уставениот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на ден 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за автентично толкување и оценување уставноста и законитоста на Актот на Фондот за ПИОМ за пренасочување на средствата на инвалидските пензионери на друго место.

2. Сојузот на инвалидски пензионери на Република Македонија од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за автентично толкување и оценување уставноста и законитоста на Актот со кој Фондот на ПИОМ ги пренасочува средствата на инвалидските пензионери на друго место. Според наводите во иницијативата во Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” бр.5/2001) недоволно јасно била изразена разликата помеѓу категориите инвалидски пензионер и инвалид на трудот, заради што се бара автентично толкување на овие категории. Ваквата недоволна разграниченост на категориите инвалидски пензионер и инвалид на трудот му давала можност на Фондот на ПИОМ да врши насочување на средствата од Солидарниот фонд на инвалидски пензионери на жиро-сметката на инвалидите на трудот, а врз основа на Актот на Фондот на ПИОМ со кој средствата на инвалидските пензионери се пренасочуваат на друго место.

3. Судот на седницата утврди дека во негова надлежност не спаѓа автентично толкување на прописи, од страна на Фондот на ПИОМ не е донесен акт со кој средствата на инвалидските пензионери се пренасочуваат на друго место, а задршка по основ на солидарност за погребни трошоци од страна на Фондот се врши според одлуки за формирање солидарни фондови на Здруженијата на пензионерите и Здруженијата на инвалидите на трудот донесени во 1992 и 1993 година, во кој период Сојузот на инвалидски пензионери не постоел.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на РМ, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, од што произлегува дека во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија не спаѓа автентично толкување на законите.

Според член 28 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата односно оспорениот акт не е донесен.

5. Со оглед на тоа што во конкретниот случај Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да врши автентично толкување и нема акт подобен за уставно-судска оценка, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата се одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.128/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов