У.бр.108/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на измена и дополна на ДУП на град Гостивар на детален лист бр.68 (10), детален лист бр.64а (5), детален лист бр. 65 (6) и детален лист бр.68а (9), донесена од Советот на Општина Гостивар бр.07-531/1 од 6 септември 2000 година (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр. 5/2000).

2. “Пелагонија” АД Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што не била донесена во постапка пропишана со овој закон. На подносителот на иницијативата АД Пелагонија – Гостивар, врз основа на Деталниот урбанистички план на град Гостивар од 1994 година, му било издадено решение за локација за градба на колективна станбена зграда П + 4 ката на Ул. “Младен Груески” во Гостивар, решение за урбанистичка согласност и одобрение за градба, а по претходно платен надоместок за уредување на градежното земјиште и другите надоместоци и прибавени докази предвидени во член 19 од Законот за изградба на инвестициони објекти.

Врз основа на издадената урбанистичка документација подносителот на иницијативата се стекнал со право на градба на објект П + 4 со димензии предвидени со Деталниот план од 1994 година. Меѓутоа, со измените и дополнувања со Одлуката предмет на оспорување подносителот на иницијативата не бил запознат како странка која полага право на предметната локација, односно да биде анкетиран, повикан и запознат со претстојните изменувања и дополнување на Планот. Доколку подносителот бил анкетиран тогаш, во законските рокови, ќе учествувал и во јавната расправа по Планот и ќе имал можност да поднесува приговори во поглед на тоа дека на предметната локација била веќе предвидена маркица за градба на колективна станбена зграда за која веќе е издадена урбанистичка документација (правосилно решение за локација и одобрение за градба).

Во иницијативата се наведени и причините поради кои подносителот на иницијативата не отпочнал веднаш со градбата, не поради своја вина, туку поради тоа што во имотните спорови од надлежниот суд со одлука за времени мерки била запрена градбата.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се извршени измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Гостивар. Според членот 2 на Одлуката, дополнувањето на опфатот за усвојување на измените се однесуваат на:

– од јужна страна дел од ул. “И.Л.Рибар” од крај на градскиот парк до осовината на ул. “М. Симоновски”,
– од исток осовина на ул. “М.Симоновски” до спојот со осовина на ул. “Беличица”, правецот на Ул. “Беличица” до осовина на Бул. “Г. Делчев”,
– од север осовина на Булеварот од ул. “Беличица” до спој со осовина на ул. “Б. Кидриќ”,
– од северозапад осовина на ул. “Б. Кидриќ” до спој со осовина на ул. “И.Л. Рибар” покрај градскиот парк”.

Според член 3 од Одлуката, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на оваа одлука.

И според член 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Гостивар”.

Судот, исто така, утврди дека со Деталниот урбанистички план на град Гостивар од 1994 година била предвидена градба на колективна станбена зграда П + 4 ката на Ул. “Младен Груески” во Гостивар. Тогашното Градежно претпријатие “Пелагонија” ВИИИ градилиште Гостивар, сега АД “Пелагонија” добило одобрение за градба за таа колективна зграда. Од 1994 година “Пелагонија” не отпочнало со градба поради нерешени имовинско – правни спорови од сопствениците чии имоти им биле одземени, а надлежниот суд донел и одлуки за запирање на градбата.

Општината Гостивар, со Одлука на советот бр.08-554/1 од 27 август 1997 година, пристапила кон изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар на деталните листови (се мисли на урбанистички единици) бр.64-а (5), 65 (6), 68-а (9) и 68 (10), а со Одлука бр.07-801/1 од 1 ноември 1999 година е дополнета оваа одлука земајќи ги предвид барањата на граѓаните за зголемување на опфатот утврден со истата. Поради изнаоѓање на техничко решение за измените била овластена организација која била присутна на теренот и вршела консултации со граѓаните и заинтересираните правни лица.

Од приложената документација утврдено е дека Советот на Општината Гостивар на 28 октомври 1999 година донел Одлука бр.07-801/1 за пристапување кон изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на Гостивар за урбанистичките единици 68 (10), 64-а (5) и 65 (6), со која го утврдила и опфатот и границите предмет на изменувањето и дополнувањето. На 4 мај 2000 година Советот на Општината донел одлука за спроведување јавна анкета. Според член 3 на оваа одлука, јавната анкета траела 15 дена од денот на истакнувањето на техничко-урбанистичката документација во зградата на Оштина Гостивар и во односните населени места, а главниот архитект се задолжува со посебно известие да ги информира граѓаните за датумот на отпочнувањето на јавната анкета.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека граѓаните и другите заинтересирани лица од конкретното подрачје можат да доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. Градоначалникот на Општината Гостивар со Решение бр.08-278/2 од 8 мај 2000 година, формирал Комисија за спроведување на јавната анкета.

Главниот архитект со известие бр.449/1 од 16 јули 2000 година, преку Радио Гостивар ги информирал граѓаните дека се организира јавна анкета за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, меѓу другото и по Одлуката за изменување и дополнување на Планот за урбанистичките единици по деталните листови кои се предмет на оспорување во иницијативата. Со ова известување граѓаните се известени дека јавната анкета ќе трае од 17 јули 2000 година до 31 јули 2000 година (15 дена), а Планот ќе биде истакнат во просториите на Општина Гостивар и во месната заедница опфатена со измените. Комисијата за спроведување на јавната анкета изготвила Извештај за јавната анкета под бр.20-278/3 од 22 август 2000 година.

Исто така, Судот утврди дека на Нацрт-Планот е извршена стручна ревизија од Архитектонскиот факултет во Скопје и дека и по Нацрт-Планот е барано мислење од надлежното министерство.

Министерството за транспорт и врски дало согласност за спроведување на оспорениот Детален урбанистички план.

4. Според член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата.

Во член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/99), просторното и урбанистичкото планирање е дефинирано како континуиран процес кој се обезбедува со изработувње, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 4 од Законот, со просторното и урбанистичкото планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работење на граѓаните, а исто така се предвидуваат и мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки непогоди.

Според член 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план и содржи особено: план на градежни парцели и површина за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за градба, план на сообраќајна мрежа и друго.

Во член 17 од Законот е предвидено дека плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план, а според ставот 3 на овој член, по нацрот на деталниот урбанистички палн се спроведува јавна анкета.

Според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатени со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

Според член 20 од Законот, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

И на крајот, според член 56 од Законот, урбанистичките планови за кои постапката за нивно донесување е започната пред влегување во сила на овој закон, ќе продолжи според одредбите на овој закон.

Тргнувајќи од утврдената фактичка положба, особено од начинот и постапката за донесување на оспорената одлука, и од наведените законски одредби, оспорената одлука е донесена во пропишана постапка со Законот. Законот за просторното и урбанистичкото планирање не пропишува обврска измените и дополнувањата на деталните урбанистички планови донесени пред неговото стапување во сила, односно донесени врз основа на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање да се вршат на начин и постапка предвидена со овој закон. Членот 56 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, поместен во преодните и завршните одредби од Законот, е дециден и укажува дека плановите за кои постапката за нивно донесување е започната пред влегување во сила на овој закон, ќе продолжи според одредбите на овој закон. Според тоа неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека оспорената одлука требала да се донесе во иста постапка како што е донесен Деталниот урбанистички план на град Гостивар, односно според Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање, кој за разлика од постојниот закон, место јавна анкета предвидуваше спроведување на јавна расправа по нацртот на планот.

Меѓутоа, во член 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај уредувањето на просторот, хуманизација на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата, утврден е и принципот на владеењето на правото.

Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, се обезбедува примена на правните норми и на конкретни случаи и претставува механизам кој го исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото.

Во контекст на владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, што имплицира правна сигурност и заштита на правно заснованите слободи и права на човекот и граѓанинот и неговите легитимни интереси, се поставува прашањето дали при урбанистичкото планирање, кое од своја страна претставува континуиран процес, не треба да се заштитат интересите стекнати врз основа на издадената урбанистичка документација за градба, особено кога се спроведени подготвителни работи за изведување на градежните објекти, кога се платени давачките за уредување на градежното земјиште и кога градбата на објектот е спречена поради објективни причини, односно поради решавање на имотно-правните спорови пред надлежниот суд.

Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со овој закон се уредува планирање на просторот, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, доделувањето на градежното земјиште, утврдувањето на условите за градба (претходно одобрение за градба) и надзор над спроведувањето на Законот.

Во членот 2 од овој закон е предвидено дека просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат. Донесувањето на просторен план на Републиката и урбанистички планови е задолжително.

Според мислењето на Судот континуитетот во планирањето, конкретно континуитетот во процесот на спроведувањето на плановите значи дека општината има обврска да обезбеди реализација на деталните планови. Имено, спроведувањето на урбанистичките планови во фазата на нивната реализација може да не е можно поради различни фактори и влијанија или економска неоправданост за нивно спроведување. Токму, неможноста да се реализира урбанистичкиот план ја обврзува Републиката, односно општината во континуитет да се грижи за спроведување на плановите и доколку утврди дека не е можно нивно спроведување, да пристапи кон измена на плановите. Ова и од причини што и донесувањето на плановите, согласно член 3 од Законот е работа од јавен интерес, што наведува на заклучок дека доносителот на плановите е должен, доколку планот не е спроведлив, да пристапи кон измени. Имајќи ги предвид овие начела и Законот допуштил измена на плановите во постапка како и за нивното донесување. Исто така, Судот смета дека ако донесувањето на плановите е работа од јавен интерес, а спроведувањето на плановите е континуиран процес, не може одобрението за градба да претставува елемент на континуитет во планирањето.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена во постапка утврдена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, при тоа имајќи ги предвид и другите начела во планирањето на просторот и во спроведувањето, односно реализацијата на урбанистичките планови, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.108/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов