У.бр.150/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Спогодбата за преземање работници склучена помеѓу Министерството за земјоделство и шумарство и Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” П. О. Скопје.

2. Митре Пиловски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Спогодбата означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената спогодба учесниците се согласиле, поименично наведените работници на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” да преминат на работа на неопределено време во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и обратно, од Министерството во Јавното претпријатие. Основ за склучување на Спогодбата бил членот 181 став 2 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр. 40/90 и бр. 63/94), според кој работен однос во органот на управата можел да се заснова без јавен конкурс, односно јавен оглас и со работник од друг орган на управата, ако за тоа се согласат функционерите кои раководат со тие органи и ако со тоа се согласи работникот, што упатувало на заклучок, дека преземањето на работниците е можно само помеѓу органите на управата, а не и помеѓу орган на управа и јавно претпријатие.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” оспорената спогодба ја склучиле спротивно на Законот.

Спогодбата не била во согласност и со член 51 став 2 од Уставот на Република Македонија затоа што учесноците при склучувањето на Спогодбата биле должни да го почитуваат Уставот и законите.

3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од содржината на оспорената спогодба, Судот смета дека таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот бидејќи со неа се уредуваат меѓусебни односи помеѓу два субјекта за преземање на работници. Всушност, Спогодбата претставува акт кој има правно дејство само за субјектите кои ја склучиле и за поименично наведените работници, а не и за неограничен број на субјекти и сите граѓани поради што оцени дека не подлежи на уставно судска оцена.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.150/2001
12 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов