У.бр.160/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 алинеја 1 од Законот за пазарната инспекција (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97,23/99).

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 алинеите 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 5 алинејата 1 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, со член 29 став 1 и членовите 32 став 1 и 2, 51 и 54 од Уставот, затоа што со оваа одредба противуставно се ограничувало правото на работа, на слободен избор на вработувањето и достапноста на секое работно место под еднакви услови на странците и на лицата без државјанство, бидејќи според мислењето на подносителот на иницијативата, одредбите на член 32 став 1 и 2 од Уставот, не се однесувале само на граѓаните државјани на Република Македонија, туку и на странците и на лицата без државјанство.

Оспорената алинеја З на членот 5 од Законот, пак, не била во согласност со членовите 8, 9, 13, 14, 23, 32, 51 и 54 од Уставот затоа што во случајот ограничувањето на правото на работа на лицето против кое се води кривична постпапка и е осудено за кривично дело, настапувало како правна последица автоматски по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 5 од Законот се утврдени условите што лицето треба да ги исполнува за да може да се назначи за пазарен инспектор. При тоа, какоуслов во алинејата 1 е утврдено лицето да е државјанин на Република Македонија, а во алинејата 3 се утврдува, против него да не се води кривична постапка и да не е осудувано за кривично дело против државата, службената должност, против јавните финансии и стопанство, како и за кривично дело извршено со умисла, за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку една година.

5. Положбата на странците во Република Македонија во поглед на остварувањето на слободите и правата гарантирани со Уставот, а од чиј спект се оспорува членот 5 алинеја 1 од Законот, е утврдена во член 29 од Уставот. Така, тие, согласно став 1 на овој член од Уставот уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Тоа, значи дека странците во Република Македонија ги имаат слободите и правата утврдени со Уставот, освен оние кои според Уставот ги имаат само државјаните на Република Македонија, со тоа што условите за нивното остварување е предоставено да се утврдат со закон и меѓународни договори.

Од друга страна, пак, тоа истовремено значи дека законодавецот не е обврзан да пропишува еднакви услови за остварување на одделни слободи и права за граѓаните-државјани на Република Македонија и за странците и на тој начин да ги стави во еднаква, односно рамноправна положба со нив. Ова особено ако се има предвид и уставното начело на еднаквост според кое само граѓаните на Република Македонија, а не и странците, се еднакви пред Уставот и законите и само за нив се однесува забраната на дискриминација во остварувањето на слободите и правата по основите утврдени во член 9 од Уставот.

Оттука, согласно ваквото уставно овластување законодавецот има право и можност со закон правото на вработување во одделни области, а во тие рамки особено во органите на државната власт, да го условува со државјанството на Република Македонија и на тој начин да го ограничи вработувањето на странците во тие органи, како што е и во конкретниот случај со оспорената одредба.

Ограничувањето на правото на вработување на странците во органите на државната власт е сосема оправдано поради значењето и карактерот на работите што ги вршат тие органи. Имено, со оглед дека се работи за извршување на работи поврзани со функциите на државата и тоа во сите три нејзини видови власт – законодавната, извршната и судската, сосемалогично и разбирливо е дека вршењето на овие функции, односно работи првенствено е резервирано за државјаните на Република Македонија, така што во тој поглед странците не може да се изедначуваат со граѓаните – државјани на Република Македонија. Ова и од причини што и според член 23 од Уставот, правото на вршење на јавните функции, а како такви се и определени функции во органите на државната управа, можат да.го користат без ограничување, под еднакви услови само граѓаните на Република Македонија, а не и странците.

Оттука не случајно е што и во Законот за државните службеници, како системски закон кој го уредува вработувањето во сите органи на државната власт, како посебен услов е утврдено и државјанството на Република Македонија.Меѓутоа, ограничувањето на правото на странците да се вработуваат во државните органи, а во конкретниот случај во Министерството за економија, во чиј состав е и Државниот пазарен инспекторат, не значи и суспендирање на нивното право на работа воопшто, бидејќи со тоа не се исклучува можноста тие ова право да го остваруваат во другите сфери на општественото живеење. Поради наведеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 алинеја 1 од Законот со одредбите од Уставот.

При оценувањето на уставноста на оспорениот член 5 алинеја 3 од Законот, Судот ги имаше во предвид членовите 13 и 14 од Уставот. Имено, според членот 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон и за кое не била предвидена казна.Во наведените уставни одредби всушност се утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос и тоа прво: принципот на презумпција (претпоставка) на невиност на лицето до правосилноста на судската одлука и второ, принципот на легалитет, односно законитост во казненото право, што значи забрана за казнување за дело кое е извршено во време кога не било предвидено со закон и за кое не била предвидена казна.

Значењето на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпиниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено. Од друга страна, пак, од суштината на овие два принципи заедно произлегува дека целиот казнено-правен однос се исцрпува само на релацијата казниво дело и судски изречената казна на неговиот сторител, така што сите други последици што се состојат во ограничување на правата на сторителот на казнивото дело, а кои не произлегуваат од видот на казната се недопуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба, според која актуелното водење на кривичната постапка и поранешната осудуваност на граѓанинот за определени кривични дела, без оглед дали покрај казната му е изречена и мерката забрана за вршење на определена професија, дејност или должност, претставуваат ограничувачки фактор за назначување на лицето за пазарен инспектор по сила на самиот закон, пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.6р.160/2001
12 декември 2001 година
С к о п ј е