У.бр.165/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Статутот на ООЗТ Институти при Медицинскиот фактултет во Скопје, донесен од работниците на ООЗТ Институти при РО Медицински факултет – Скопје во мај 1989 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Илија Светиев од Скопје, со Решение У.бр.165/2001 поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што е донесен врз основа на Законот за здружениот труд, поради што и суштински и терминолошки е несогласен со Уставот на Република Македонија, Законот за научно-истражувачката дејност и со Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека со Статутот се уредуваат: називот, седиштето и дејноста на ООЗТ, составот, изборот, односно именувањето, отповикот и делокругот на советот на работните луѓе, на неговиот извршен орган и на директорот и нивната одговорност, прашањата за кои работниците лично се изјаснуваат, начинот на личното изјаснување и одлучување, обврските на самоуправните и другите органи кон синдикатот, остварување на самоуправувањето, општонародната одбрана, општествената самозаштита и сл.

5. Статутот на ООЗТ Институти при РО Медицински факултет во Скопје е донесен во 1989 година, односно во време на важењето на Уставот на СРМакедонија од 1974.

Како основ за негово донесување послужиле одделни одредби од Законот за здружениот труд кои, и по влегувањето во сила на Законот за претпријатијата, не престанале да важат. Меѓу нив спаѓаа и одредбите од главата IV од овој закон која ги регулираше меѓусебните односи на работниците во здружениот труд. Поточно, ставот 2 на членот 74 од Законот за претпријатијата предвидуваше одредбите на Законот за здружениот труд да се применуваат на организациите на здружен труд што не вршат стопанска дејност, здружените организации, организациите на кооперанти, деловните заедници и заедниците на здружен труд за меѓусебна планска и деловна соработка, на работните заедници во нив, како и на другите форми на здружување на труд и средства, додека не се усогласат со одредбите на овој закон, односно до донесувањето на посебни закони со кои ќе се уреди нивната правна положба.

Со други зборови, за донесувањето на оспорениот статут постоел правен основ и во Уставот на СРМакедонија и во Законот за здружениот труд.

Меѓутоа, со влегувањето во сила на Законот за основните права од работниот однос (14 октомври 1989 година), меѓу другите, престана да важи и главата ИВ од Законот за здружениот труд).

Понатаму, согласно член 12 став 1 од Законот за научно-истражувачката дејност (“Службен весник на РМ” бр.13/96), истоимената дејност од јавен интерес ја вршат Македонската академија на науките и уметностите, како и факултетите и универзитетите основани како јавни установи.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот положбата, основањето, вршењето и престанокот на вршењето на дејноста, управувањето, изборот на кадрите, начинот на финансирањето и надзорот над законитоста на Македонската академија на науките и уметностите, како и на факултетите и универзитетите се уредува со посебни закони.

Како што се гледа од неговата содржина, овој закон упатува наведените прашања, меѓу другите, и на факултетите да се уредат со посебен закон што во случајов е Законот за високото образование.

Така, членот 18 од овој закон, меѓу другото, предвидува дека факултетот врши високообразовна и научно-истражувачка дејност.

Со други зборови, дејноста на факултетот се состои во едукација и научно-истражување, а прашањата сврзани со овие дејности се уредени со Законот за научно-истражувачката дејност и Законот за високото образование.

Така, во членот 63 став 1 од Законот за научно-истражувачката дејност, меѓу другото, е предвидено дека организациите за научно-истражувачката дејност се должни во рок од 6 месеци од влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат своите акти, организација и работа со одредбите на истиот.

Овој закон влегол во сила на 23 март 1996 година, а Медицинскиот факултет, како јавна установа што обавува научно-истражувачка дејност, до денес не извршил усогласување на Статутот со овој закон.

Исто така, согласно член 184 и 186 од Законот за високото образование, со влегувањето во сила на овој закон, Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, Универзитетот “Св.Климент Охридски” во Битола со постојните факултети и виши школи во нивниот состав продолжуваат со работа како државни високообразовни установи, односно како државни научни установи кои во рок од 12 месеци од влегувањето во сила на овој закон ќе го усогласат своето работење, статутите и другите општи акти.

Овој закон влегол во сила на 11 август 2000 година, што значи дека рокот за усогласување истекол на 11 август 2001 година.

Исто така, во овој контекст, Судот ја имаше предвид и одредбата од ставот 2 на членот 186 од Законот за високото образование според која до донесувањето на општите акти од ставот 1 на овој член од Законот ќе се применуваат постојните општи акти доколку не се во спротивност со овој закон.

Како што се гледа од содржината на оваа одредба од Законот, примената на оспорениот статут е условена со негова согласност со закон.

Во случајов, според Судот, не би можело да дојде до примена на оваа одредба од Законот, од причина што оспорениот статут не само што е целосно несогласен со Законот за високото образование, туку воопшто е анахрон и неусогласен со новиот уставен поредок ниту терминолошки ниту содржински.

Со оглед на тоа дека Медицинскиот факултет како установа што врши наставна и научно-истражувачка дејност, во определениот рок, не го усогласил оспорениот статут ниту со Законот за научно-истражувачката дејност ниту со Законот за високото образование, односно во внатрешната организација на факултетот се уште постојат основни организации на здружен труд и работни организации формирани врз основа на самоуправни спогодби за здружување, Судот утврди дека оспорениот статут е несогласен со Уставот и закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.165/2001
12 декември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов