У.бр.141/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) Одлуката за утврдување општ интерес и определување на локацијата за изградба на училишна зграда во село Балиндол, донесена од Советот на Општина Гостивар на 27 декември1994 година (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.7/94);
б) Одлуката за измена и дополна на Одлуката за утврдување општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол, донесена од Советот на Општина Гостивар на 19 јуни 1997 година (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.7/97).
в) Одлуката за измена и дополна на Одлуката за утврдување општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол, донесена од Советот на Општина Гостивар бр.07-215/1 од 28 февруари 2001 година; и
г) Одлуката за начинот на изградба во населеното место Балиндол, донесена од Советот на Општина Балиндол на 12 јуни 2001 година (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.3/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива на “Мермери” – Гостивар и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.171/2001 од 10 октомври 2001 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната законитост.

4. Судот на седницата утврди дека основ за донесување на Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол е членот 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 38/90), како општ акт на Собранието на општина Гостивар, донесена на седницата одржана на 27 декември 1994 година. За донесување на Одлуката не е издадена претходна согласност од републичките органи на управата надлежни за работите на урбанизмот и земјоделството.

Советот на Општина Гостивар на 19 јуни 1997 година донел Одлука за измена и дополна на означената одлука, исто врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, а на 28 февруари 2001 година ја донел оспорената одлука врз основа на член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Со двете одлуки е интервенирано во катастарските парцели и нивниот опфат за изградба на училишната зграда во село Балиндол.

Со оспорената одлука за начинот на изградба на населеното место Балиндол се утврдува начинот на изградба на ова населено место кое нема урбанистичка документација. Според член 2 од оваа одлука се определува подрачјето за изградба на објекти согласно графички прилог 1:2500 на населеното место Балиндол од член 1 на оваа одлука, со определување на границите на зоната за градба, основна намена на површината и локација за јавен објект и основна сообраќајна мрежа.

Графичките прилози се составен дел на оваа одлука и се чуваат и регистрираат во подрачната единица на Министерството за транспорт и врски.

Според член 3 од Одлуката при организирањето на населеното место се согледува и подрачјето на атарот согласно одредбите на Просторниот план на Република Македонија.

Изградбата на училишна зград во селото М.В. “Бегови Ниви” може да се врши согласно оваа одлука и по изработен урбанистички проект за конкретниот локалитет и по добиените согласности од надлежните органи на управата и мислење од локалната самоуправа. Проектот се заведува во Подрачната единица на Министерството за транспорт и врски и согласно урбанистичкиот проект се издаваат услови за градба.

Графичкиот прилог е во мерила 1:2500 и е составен дел на оваа одлука и не се објавува, а се чува и регистрира во соодветна подрачна единица на Министерството за транспорт и врски.

Во членот 4 е предвидено дека одредбите на оваа одлука се применуваат до донесувањето урбанистичка документација за населеното место Белиндол.

5. Според член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 38/90), за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен и урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени, односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на СР Македонија, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење. Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека општиот акт од став 1 на овој член се донесува по претходно издадена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.

Разгледувајќи ја Одлуката за утврдување општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол во контекст на утврдената фактичка и правна состојба, не е спорно дека Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, односно неговиот член 54, за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план допушташе локација за изградба на јавни, општествени објекти да се издаде врз основа на посебен акт на Владата, односно на општината ако објектот е од општинско значење. Меѓутоа, ваквиот општ акт се донесуваше по претходна согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството. Во случајов претходна согласност за донесување на ваквиот општ акт не е дадена. Според тоа, и покрај законското овластување содржано во одредбата на членот 54 од Законот општината на ваков начин да издаде решение за локација за градба на училишна зграда во село Балиндол, со оглед на тоа што нема претходна согласност за донесување на Одлуката, Судот оцени дека оваа одлука не е во согласност со член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање за време на неговото важење.

Одлуката за измена и дополна на Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол од 19 јуни 1997 година, донесена, исто така врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање и тоа по стапување во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Тргнувајќи од сваќањето на членот 54 од Законот, дека тој не може да биде правна основа за изменување и дополнување на урбанистички план, или да претставува замена за урбанистички план за населено место, за кое не е донесен урбанистички план, туку може да биде основа само за определување на елементи за утврдување на услови за градба, односно за издавање на локација за изградба на објекти од јавен интерес, според мислењето на Судот, актот на општината не може во некоја понатамошна постапка да биде менуван и дополнуван.

Од друга страна, со оглед на тоа што актот е донесен во време на важењето на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, тогаш и основот за негово донесување престанал да постои, поради што Судот оцени дека и оваа одлука не е во согласност со Законот.

6. Оспорената одлука за измена и дополна на Одлуката за утврдување општ интерес и определување на локација за изградба на училишна зграда во село Балиндол е донесена согласно член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој предвидува градежно и друго земјиште предвидено за градба со кое управува Републиката се доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти. Со решение за доделување градежно земјиште се утврдува инвеститор-корисник на градежно земјиште. Доделувањето на градежното земјиште го врши Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Смислата на оваа одредба е дека со поединечен акт Министерството за урбанизам може да додели градежно земјиште на користење за изградба на објекти, а во никој случај не може да биде основ за донесување општ акт. Правен основ за донесување на општ акт од ваков вид беше содржан во член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, меѓутоа овој член од Законот е избришан со Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.18/99), но со оглед дека оспорената одлука е донесена после нејзинот отстранување од правниот поредок Судот смета дека оваа одредба не може да биде основ за оцена на нејзината законитост.

Правен основ за донесување на Одлуката за начинот за изградба во населеното место Балиндол кое нема урбанистичка документација е членот 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со неа се утврдува начинот на изградба на ова населено место за кое Општината Гостивар нема донесено урбанистичка документација. Не е спорно дека согласно членот 25 од Законот изградбата во населено место, кое нема урбанистичка документација може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината, по предходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Од оваа одредба несомнено произлегува дека со општиот акт се утрдуваат условите за изградба во населеното место кои се однесуваат на сите субјекти, а не и условите за поедини субјекти. Меѓутоа, во членот 3 став 2 на Одлуката се утврдени услови за градба на училишната зграда во село Балиндол, што според мислењето на Судот ги надминува рамките на општ акт, поради што оцени дека не е во согласност со Законот.

Понатаму, Одлуката не е донесена по претходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот па според тоа и од овој аспект Судот оцени дека не е во согласност со Законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.141/2001
12 декември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов