У.бр.186/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р.70/92), на седницата одржана на 5 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 став 1 точка 7 од Законот за вршење на занаетчиската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/98, 98/2000).

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 40 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 13 став 1, 14 став 1, 32 став 1 и 2, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија затоа што ограничувањето на можноста за вршење на занетчиска дејност и стекнувањето на звањето мајстор според оспорените одредби се препишувале како правни последици од осудуваноста на лицата што настапувале по сила на законот, а не од осудата, односно мерката што ја изрекол судот за одредено казниво дело.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 13 став 1 точка 7 од Законот, физичко лице може да врши занаетчиска дејност ако, покрај исполнувањето на другите услови утврдени во овој член, со правосилна судска пресуда не му е изречена заштитна мерка – забрана на вршење дејност.

Според членот 40 став 3, од Законот, мајсторски испит не можат да полагаат лица кои со правосилна судска одлука се осудени за казниви дела пропишани во овој закон, како и казниви дела против јавните финансии и работните односи, како и лица на кои им е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење дејност, односно занимање.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.Видовите на санкции кои можат да се изречат за казниви дела (кривично дело или прекршок) се пропишани во Кривичниот законик и Законот за прекршоците. Така, во овие два закони, како посебни видови санкции се утврдени и мерките на безбедност, меѓу кои и забраната за вршење на професија, дејност или должност, кои можат да се изречат ако на сторителот му е изречена казна затвор, парична казна или условна осуда.Целта на мерките на безбедност, според член 5 од Кривичниот законик е да се отстранат состојбите или условите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши кривични дела.

Од суштината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека на сторителот на казниво дело може да му се изрече санкција односно казна, што како таква е утврдена со закон и дека санкцијата, односно казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа од друга страна, значи дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна односно санкција на сторителот и дека во извршувањето на изречената казна, односно санкција на сторителот на казнивото дело можат да му бидат одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција, односно казна (член 5 од Кривичниот законик), а сите други натамошни последици што се состојат во ограничување на правата на сторителот на казнивото дело што не произлегуваат од осудата не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорениот член 13 став 1 точка 7 од Законот, Судот утврди дека ограничувањето на правото на вршење на занетчиска дејност на лице на кое со правосилна судска одлука му е изречена заштитна мерка – забрана на вршење на дејност според оспорената одредба не настапува како правна последица од осудата по сила на законот, но ограничувањето е последица од видот и содржината на самата осуда, односно мерка изречена со правосилна судска пресуда, чие времетраење е исто така определено од страна на судот што ја изрекол таквата мерка.

Според тоа, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 13 став 1 точка 7 од Законот со членовите од Уставот во однос на кои во иницијативата се оспорува неговата уставност.

Разгледувајќи ја, пак, оспорената одредба на членот 40 став 3 од Законот во контекст на истите уставни и законски одредби, Судот утврди дека ограничувањето на правото на полагање на мајсторски испит на лицата кои со правосилна судска одлука се осудени за казниви дела пропишани во овој закон, како и за казниви дела против јавните финансии и работните односи, што се врши со оваа одредба од Законот нема уставно правен основ со оглед на тоа што ова ограничување не е последица од извршување на осудата, односно мерката што ја изрекол судот, но е последица што настапува по сила на самиот закон. Ова подеднакво се однесува и за делот од оваа оспорена одредба според кој мајсторски испит не може да полагаат и лицата на кои им е изречена мерка на безбедност – забрана за вршење дејност, односно занимање.

Имено, и во овој случај ограничувањето на правото на полагање на мајсторски испит на лицата на кои им е изречена мерката на безбедност забрана на вршење дејност, односно занимање не одговара на самата природа и содржина на оваа мерка и не произлегува од нејзиното извршување, но ова ограничување всушност претставува друга дополнителна последица што тие ја трпат по основ на осудуваноста, односно изречената мерка по сила на самиот закон.

Од наведените причини пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот 40 став 3 од Законот со членовите 13 и 14 од Уставот, а надоврзано на тоа и со другите членови од Уставот посочени во иницијативата.Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр .186/2001
5 декември 2001 година
С к о п ј е