У.бр.204/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 5 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 108 став 1 точка 5 во делот: “40 години пензиски стаж” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000 и 34/2000).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2000).

3. Група од седум универзитетски наставници и соработници, претставувана од проф. д-р Атанас Аврамовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 108 став 1 точка 5 во делот: “40 години пензиски стаж” од Законот за работните односи и член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, затоа што оспорениот дел на одредбата на член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи не бил во согласност со член 17 од став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Оспорената одредба на член 30 од Законот за изменување и допол-нување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според подносителот на иницијативата, востановувала повратно дејство неповолно за осигурениците, се вршело предвремено пензи-онирање и се вршела дискриминација помеѓу осигурениците по основ на општествената положба, што не било во согласност со член 52 став 4 и член 54 став 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи, работниот однос по сила на закон престанува ако работникот наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигуру-вање, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор не одлучи работникот да остане во работен однос.

Според оспорениот член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурува-ње (“Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2000), осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон (оваа одредба согласно член 35 од Законот се применува од 1 септември 2000 година) имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж), односно 30 години (жена), правото на старосна пензија го стекнуваат под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).

5. Според член 110 алинеја 2 и 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека во првиот дел на иницијативата се бара оценување на согласноста на одредба од закон со друг закон, за што Судот не е надлежен да одлучува, иницијативата во делот за оценување на член 108 став 1 точка 5 во делот “40 години пензиски стаж” од Законот за работните односи, Судот ја отфрли.

6. Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со член 54 став 3 од Уставот се уредува дека ограничу-вањето на слободите и правата на може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување. Со измените и дополнувањата на овој закон од месец март 2000 година, системот на пензиското и инвалидското осигурување е поставен на релативно нови основи. Притоа, законодавецот преку одредбите на овој закон воспоставува односи и создава услови за адекватна негова примена. Во таа смисла, како дел на одредбите од преодниот режим, со оспорениот член 30 од Законот утврдил дека осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж), односно 30 години (жена), правото на старосна пензија го стекнуваат под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување што бил во примена дотогаш. Всушност, за таа категорија осигуреници се задржуваат тогаш постојните услови за стекнување со правото на старосна пензија, според кои осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 63 години живот (маж), односно 60 години живот (жена) и најмалку 20 години пензиски стаж, наместо условите според новелираниот закон, според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Тргнувајќи од анализа на содржината на напред наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, во чиј дел е и пензиското и инвалидското осигурување, кое право е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Значи, Уставот не го определува остварувањето и обемот на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, туку создава обврска за негово законско регулирање, така што, законодавниот орган има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на тоа уставно право.

Во конкретниот случај, востановувајќи нови односи во системот на пензиското и инвалидското осигурување, законода-вецот го уредил и начинот на преодниот режим во примената на законот, меѓу кои е и оспорената одредба, притоа водејќи грижа да не бидат влошени условите за стекнување со правото на старосна пензија на категоријата осигуреници со исполнет пензиски стаж од 35 години (маж), односно 30 години (жена). На тој начин, според мислењето на Судот, не е влошена правната положба на носителот на таквото право, туку, напротив се обезбедува неговата правна сигурност, односно таа одредба не содржи повратно дејство и не може да се зборува за повреда на принципот за забрана на повратното дејство. Исто така, правото за стекнување на старосна пензија под условите утврдени со оспорената одредба од Законот, се однесува за сите граѓани односно осигуреници што се наоѓаат во еднаква правна полжба, поради што, не можат да бидат прифатени приговорите на подносителот на иницијативата, дека се вршело дискриминација помеѓу осигурениците по основ на општествената положба.

Поаѓајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорената одредба со која се уредува преодниот режим во примената на системот на пензиското и инвалидското осигурување заснован на релативно нови основи и дека со таа одредба се овозможува на одредена категорија осигуреници да се стекнуваат со правото на старосна пензија под законските услови што важеле дотогаш, според мислењето на Судот, не се повредува принципот на забрана на повратното дејство и не се врши дискриминација на осигурениците по основ на нивната општествена положба, поради што, не го постави прашањето за согласноста на член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со член 52 став 4 и член 54 став 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 204/2001
5 декември 2001 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов