Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 декември 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/01).
2. Васил Апостолов од Скопје, Диме Неделкоски од Крушево и Петре Илиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлука по предметите У.бр.23/01, У.бр.24/01 и У.бр.48/01 од 21 ноември 2001 година го укина оспорениот закон, затоа што оценил дека не е во согласност со Уставот.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од означените одредби, а имајќи предвид дека Уставниот суд го укинал Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно оспорениот закон не е во правниот поредок на Републиката, и со оглед на тоа што за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.83/2001
5 декември 2001 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов