Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 ноември 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 1 точка 3 и став 3 од Законот за набавување, поседување и носење оружје (“Службен весник на СРМ” бр.25/72, 30/72, 18/76, 25/76, 15/83 и 51/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.26/93).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 9 став 1 точка 3 и став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се смета дека двете оспорени одредби не се во согласност со член 8, 9, 13 став 1, 14 став 1 и 54 став 1 од Уставот од две причини: прво, затоа што пропишувањето правни последици од осудата не е дозволено и второ, затоа што дискрецијата на органот да одбие издавање на одобрение поради “основано сомневање дека лицето ќе го злоупотреби оружјето” директно го повредува принципот на владеење на правото.
3. На седницата Судот утврди дека Според член 9 став 1 точка 3 од Законот одобрение за набавување на оружје не може да се издаде на лице кое е осудено за кривично дело или е казнето за прекршок што го прави неподобно за поседување оружје или укажува на можност за злоупотреба на оружјето, или за време додека се води против тоа лице кривична или прекршочна постапка за такво кривично дело или прекршок.
Во оспорениот став 3 на овој член од Законот е предвидено дека општинскиот орган за внатрешни работи може да одбие да издаде одобрение за набавување на ловечки пушки и воздушно оружје ако постои основано сомневање дека лицето што поднесло барање ќе го злоупотреби таквото оружје.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок е владеењето на правото.
Согласно член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
5. Разгледувајќи ги оспорените одредби од Законот Судот оцени дека тие пропишуваат три основи за одбивање на барање за издавање одобрение за поседување оружје: прво, правна последица од осуда за кривично дело или прекршок кои не се определени, туку се основа на оцена на органот дека тие го прават лицето неподобно за поседување оружје; второ, водење на кривична или прекршочна постапка за такво дело и трето, оцена на органот дека лицето во иднина може да го злоупотреби оружјето. Сите три основи се однесуваат на дискреционата оценка на надлежниот орган при одлучувањето. При тоа Судот смета дека природата на прашањето за поседување и носење на оружје е таква што го прави нужно постоењето на определено дискреционо овластување на органот во зависност од околностите врзани за секое поединечно барање и од тој аспект законските ограничувања за поседување на оружје истовремено се и законски ограничува на дискрецијата на надлежниот орган, што во целина влијае на обезбедување на законитоста при одлучувањето.
Оттука, Судот смета дека пропишувањето на околностите од член 9 став 1 точка 3 и став 3 од Законот, кои може, но не мора да влијаат на одбивањето на барање за поседување оружје се легитимни основи во чии граници може да се движи дискрецијата на надлежниот орган и обезбедуваат законитост во одлучувањето за тоа прашање, со што се исполнува елементарното барање на принципот на владеење на правото. Во тој контекст, поранешната осудуваност на граѓанинот, актуелното водење на казнена постапка и оценката на органот за можна злоупотреба на оружјето, не може да се сметаат како основи со кои се повредуваат презумпцијата на невиност и кредибилитетот на личноста.
Како посебно прашање Судот ја третираше природата на ограничувањата што во член 9 став 1 точка 3 се поставуваат со поранешната осудуваност на барателот на одобрение за поседување оружје. Притоа, Судот оцени дека во овој случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, за што нема уставен основ, туку за околност која во секоја конкретна ситуација треба да биде земена предвид од страна на надлежниот орган при одлучувањето. Судот смета дека ваквиот начин на одмерување на влијанието на поранешната осудуваност за определени казниви дела е сразмерен на генералната цел на Законот да се овозможи поседување оружје кога за тоа постои оправдана потреба и кога нема импликации врз општата безбедност. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со означените членови на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.84/2001
14 ноември 2001 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов