У.бр.171/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000,96/2000 и 50/2001).

2. Општинска синдикална организација – Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување посстапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијаторот оспорениот член не бил во согласност со членовите 9 став 2, 34 и 39 став 1 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека лице кое се стекнало со својство на осигуреник, односно осигурено лице, правата од задолжителното здравствено осигурување ги остварува се додека трае тоа својство и истите не можат да бидат ускратени, без претходно да престане својството на осигуреник, односно осигурено лице. Со ускратување на правата од здравственото осигурување, осигуреникот, односно осигуреното лице ги губи правата од задолжително здравствено осигурување и здравствена заштита за обврски кои треба да ги исполни некој друг, односно обврзникот за плаќање на придонес (работодавецот, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Заводот за вработување и слично од ЗЗО). Бидејќи обврската за плаќање на придонесот е обврска на друг, осигуреникот, односно осигуреното лице нити може да интервенира во редовна уплата на придонесот, нити пак, може да го промени основот на осигурување, или својството на осигурено лице. Понатаму за периодот за кој се ускратени правата на задолжителното здравствено осигурување, осигуреникот ги плаќа во целост сите трошоци за лекување, односно за здравствената услуга (кои понекогаш можат да бидат и значително високи). Откако обврзникот ќе го уплати заостанатиот долг на придонесот за здравствено осигурување, за периодот за кој се ускратени правата, не постои никаква можност, односно правен механизам со Закон или подзаконски акт, уплатените средства за користење на здравствени услуги од страна на осигуреникот, да бидат вратени. Покрај тоа што придонесот од страна на обврзникот ќе биде уплатен, за периодот за кој се ускратени правата, осигуреникот на свој товар ќе ги сноси сите направени трошоци за овој период. На ваков начин се напушта принципот на социјално осигурување и се повредува принципот на социјална сигурност и социјална праведност на граѓаните, односно осигурените лица на кои правата од здравственото осигурување им се ускратени.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 52 од Законот, за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош.

Ускратените права од став 1 на овој член повторно се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.

4. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, покрај другото се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон, а според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Тргнувајќи од уставните одредби на членовите 34, 35 и 39 од Уставот, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа и во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. При тоа, Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон.

Остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со закон. Оттука и произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според тоа принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.

Со оспорената одредба од Законот не се нарушува еднаквоста на граѓаните затоа што за осигурените лица се еднакви и правата но и обврските за плаќање на придонес. Напротив, еднаквоста на граѓаните би била нарушена со ставот наведен во иницијативата редовно да се обезбедува здравствена заштита и на оние кои не плаќаат. Со тоа тие би биле привилегирани во однос на оние осигуреници кои редовно го плаќаат придонесот. Ако тоа е дозволено и натаму ќе се зголемува бројот на оние кои не плаќаат придонес, а тоа ќе се доведе до распаѓање на здравственото осигурување.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.171/2001
14 ноември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов