У.бр.109/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 ноември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за извршување на Буџетот на Фондот за вршење на работите на уредување и употреба на градежното земјиште за 2001 година, донесена од Советот на општина Струмица на 27 март 2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со член 43 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорената одлука е предвидено дека буџетот на фондот за вршење на работите на уредување и употреба на градежното земјиште ќе се извршува според одредбите на оваа одлука, при што корисникот на средствата е должен утврдените средства да ги користи наменски, рационално и економично.

Понатаму, во одлуката е предвидено дека износите на трошоците утврдени со буџетот се лимитирани над кои не можат да се прземеаат обврски, а во случај на преземање на нови обврски мора да се предложи нов извор на средства.

Во член 4 од одлуката е предвидено дека утврдените износи можат да бидат прераспоредени помеѓу трошковните ставки. Прераспределбата на трошковните ставки до износ од 100.000 денари се врши со решение на раководителот, а над тој износ одлука на Советот на општина Струмица.

Во член 5 е предвидено дека средствата распоредени на соодветни позиции на буџетот за редовната дејност ќе се извршуваат месечно сразмерно на остварените трошоци и во рамките на предвидени средства со буџет.

Понатаму во член 6 е предвидено дека со пропис или друг акт не можат да се создаваат обврски на товар на буџет за 2001 година ако за тоа не се обезбедат средства, освен за средства распоредени во категоријата на капитални трошоци.

Во член 7 од одлуката е предвидено дека средствата за стапки и услуги потребни за вршење на редовната функција на корисникот се набавуваат со ситуација и фактура во кои посебно се покажуваат трошоците по поодделни подставки.

Набавката на стоки и вршењето услуги може да се обавува и со сметкопотврда но само по ограничени поединечни износи во противвредност до 200 ДЕМ, но и во овој случај присутна е обврската да трошоците бидат искажани по класификација на трошоците.

Во членот 8 кој според наше мислење всушност е оспорен со иницијативата е предвидено дека за средствата распоредени во разделот 1 – фонд за вршење на работите за уредување и употреба на градежното земјиште, одлучува раководителот на фондот во рамките на утврдените износи во буџетот.

Во член 9 е предвидено дека буџетот се извршува од 1.01.2001 до 31.12.2001 година.

Во членот 10 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во службено гласило на општина Струмица а ќе се применува од 1.01.2001 година.

5. Согласно членот 43 алинеја 8 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот управува со имотот во согласност со статут на единицата на локалната самоуправа.

Според член 43 алинеја 3 и 4 од Законот градоначалникот се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на советот и се грижи за извршување на работите што со закон и се доверени на единицата на локалната самоуправа.

Според член 29 став 1 точка 6 од наведениот закон, советот на општината основа јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија во согласност со закон и врши контрола над нивната работа.

Според член 29 став 1 точка 11 од Законот, Советот има право да врши надзор над работата на органите, службите, установите и претпријатијата што ги основа единицата на локалната самоуправа.

Од изнесеното произлегува дека право е на единицата на локалната самоуправа да донесува одлука која е во функција на извршување на буџетот на фондот за вршење на работите на уредување и употреба на градежното земјиште чии основач е општината и за чие извршување се грижи и го обезбедува градоначалникот на единицата на локалната самоуправа.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со членот 8 од оспорената одлука е предвидено дека за средствата на фондот за вршење на работите на уредување и употреба на градежното земјиште одлучува раководителот на фондот, Судот оцени дека на тој начин се ограничува извршната власт на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај е предвидено одлуката да се применува од 1.01.2001 година а таа е донесена односно објавена на 6 април 2001 година, што значи дека таа има ретроактивно дејство, Судот оцени дека таа не е во согласност со наведената уставна одредба.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.109/2001
14 ноември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов