У.бр.176/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 72/90), на седницата одржана на 7 номври 2001 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 став 2 во делот “и е конечна” и член 30 алинеја 6 од Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија” бр. 36/1992, 66/92 – исправка, 26/93 ).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот дел на член 19 став 2 не бил во согласност со член 8 став 1, алинеите 1 и 3 и членовите 15, 29 став 1, 51 и 54 од Уставот затоа што со него се исклучувало правото на жалба загарантирано со Уставот на Република Македонија.

Алинејата 6 на членот 30, пак, не била во согласност, освен со напред наведените уставни одредби, и со членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, затоа што правните последици од осудата не можеле да бидат трајни, но тие можеле да трајат само определно време утврдени со конкретна правосилна судска одлука, и не по сила на законот, како што било предвидено со оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во член 19 од Законот е предвидено дека Министерството за внатрешни работи може по исклучок во случаите од член 17 на овој закон и усмено да го одбие издавањето на виза или да изрече забрана за влегување во Република Македонија, а според став 2 на овој член одлуката за забрана од став 1 на овој член се впишува во патната исправа и е конечна (оспорениот дел).

Во оспорениот член 30 алинеја 6 од Законот, утврдено е дека на странец кој престојува на територијата на Република Македонија врз основа на странска патна исправа, издадена виза, пропусница или во согласност со меѓународен договор (член 20 став 1 од овој Закон) или му е издадено одобрение за привремен престој, престојот може да му се откаже ако од страна на странски или наш суд за кривично дело е осуден на казна затвор во траење од најмалку три месеци.

4. Уставот на Република Македонија, слободите и правата на човекот и граѓанинот ги класифицира како граѓански и политички слободи и права и како економски, социјални и културни права. Овие слободи и права се уредени во вториот дел од Уставот насловен како “Основни слободи и права на човекот и граѓанинот”. со тоа што во првото и второто поглавје од овој дел директно се утврдуваат слободите и правата.

Од аспект на наводите во иницијативата, посебно значење има член 29 од Уставот, кој е и последен член од поглавјето за граѓанските и политичките слободи и права на човекот и граѓанинот. Имено, во овој член од Уставот се уредува положбата на странците во Република Македонија во смисла што тие ги уживаат слободите и правата гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори (став 1), што Републиката им гарантира право на азил (став 2) и што екстрадиција на странец може да биде извршена само врз основа на ратификуван меѓународен договор и врз начелото на реципроцитет, при што од екстрадиција се исклучени политичките кривични дела, но под кои не се подведуваат дејствијата на тероризам.

За да стане реално уживањето, односно остварувањето на правата и слободите на странците утврдени со Уставот, Собранието, во 1992 година го донесе Законот за движење и престој на странците. Со овој закон, покрај утврдувањето на поимот странец и должноста на странците за време на престојот во Република Македонија да се придржуваат кон Уставот, законите и другите прописи на одлуките на државните органи, како и во согласност со обврските утврдени со меѓународни договори (член 2), се уредени и прашањата во врска со влегувањето и престојот на странците, со правото на азил, со бегалците и др.

Странец, според член 4 од Законот, може да влезе во Република Македонија на за тоа означени гранични премини и да престојува на територијата на Република Македонија ако има важечка странска патна исправа или друг документ утврден со меѓународен договор, односно патна исправа издадена од Министер-ството за внатрешни работи или дипломатско – конзуларното претставништво на Република Македонија во странство. Патната исправа содржи виза, освен ако со меѓународен договор или со одредбите на овој закон не е поинаку определено.

Според член 7 од Законот, за влегување и излегување од територијата на Република Македонија или само преминување преку неа на странецот му се издава влезна, излезна, влезно-излезна или транзитна виза.

Напоредно со основите и условите за издавање на визите за влегување во Република Македонија, Законот предвидува дека на странецот може да му се забрани влегување во Република Македонија, односно да не му се издаде виза во случаите предви-дени со овој закон, меѓународен договор или врз основа на реципроцитет.

Случаите во кои на странецот нема да му се дозволи влегување во Република Македонија, односно нема да му се издаде виза таксативно се утврдени во член 17 од Законот. Меѓутоа, ни во овој ни во друг член од Законот не е изречно предвидено дека во овие случаи надлежниот орган донесува соодветна одлука, односно решение за забрана на влегување или за одбивање на барањето за издавање на виза, ниту дека против таквата одлука странецот да има право на жалба, односно може да бара да се преиспитува неговиот случај од страна на второстепен, повисок орган.

Непредвидувањето на правото на жалба во овие случаи, според мислењето на Судот, не значи и повреда на уставната гаранција на ова право, бидејќи субјектот на кој се однесуваат одредбите на членовите 17 и оспорениот член 19 е странец кој се уште не е влезен на територијата на Република Македонија и не се наоѓа под нејзина јурисдикција, а влегувањето на странци во Република Македонија не може да се подведе под ниедна слобода или право на човекот утврдени со Уставот, за чие остварување и заштита би можело да се користи и правото на жалба.

Од друга страна, влегувањето во странска држава како посебно човеково право, не е утврдено и во ниту еден меѓународен документ за човековите права и слободи, наспроти правото на влегување на државјаните во сопствената држава. Тоа значи дека режимот на влегувањето на странци во друга држава е право на секоја држава таа слободно да го уреди со националното законодавство зависно од нејзината политика, при тоа се разбира почитувајќи ги општоприфатените меѓународни стандарди и принципи според кои е допуштено заради заштита на јавниот поредок и безбедноста на земјата, на здравјето на луѓето и на други национални вредности да не се дозволи влегување на странец на нејзина територија, во која функција впрочем се и сите наброени случаи во членот 17 од Законот.

Поради наведените причини, а оценувајќи го оспорениот дел на член 19 став 2 од Законот во однос на член 15 , како и членовите 8, 29, 51 и 54 од Уставот, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со овие членови од Уставот.

При разгледување на членот 30 алинеја 6 од Законот, Судот изрази мислење дека уредувањата на прашањата во врска со престојот на странците, исто така, спаѓа во сферата на внатрешните работи. Поради тоа, и секоја држава во тие рамки, има потполно дискреционо право да утврди во кои случаи и поради кои причини на странецот што престојува на нејзината територија може да му го откаже престојот.

Оттука, и разбирливо е што при уредувањето на овие прашања секоја држава, по правило, се раководи од потребата за заштита на нејзината одбрана и безбедност, за заштита на уставниот поредок и јавниот ред, на здравјето на луѓето и сл., од кој аспект, според мислењето на Судот, се основани и оправдани и причините утврдени во член 30 од Законот поради кои на странецот може да му се откаже престојот во Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на членот 30 од Законот во целина, а и членовите 13 и 14 од Уставот, Судот смета дека според смислата на оспорената одредба на овој член од Законот откажувањето на престојот на странецот поради осуденоста за кривично дело на казна затвор не настапува по автоматизам на самиот закон. Но, според мислењето на Судот, осудата е само причина повеќе, односно основ за проценување на надлежниот орган дали на странецот, освен во другите случаи од членот 30, и во случајот кога тој е осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку три месеци, поради интересите на одбраната и безбедноста на земјата и сл., треба или не да му го откаже престојот. Зависно од оценката за тоа, надлежниот орган ќе донесе и соодветен акт, односно решение.

Според тоа, вака толкувајќи ја смислата на оспорената алинеја 6 на членот 30 од Законот, според мислењето на Судот, во конкретниот случај не се работи за последица од осудата која странецот ја трпи по сила на закон, како што смета подносителот на иницијативата, поради што и не го постави прашањето за нејзината согласност со членовите 13 и 14 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски и тоа во делот кој се однесува за член 19 став 2, едногласно, а во делот за член 30 алинеја 6, со мнозинство гласови.

У.бр.176/2001
7 ноември 2001 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов