Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 76 став 1 во делот: “Ако тоа не го сторат се должни да ја надоместат штетата настаната од нивното воздржување” од Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97, 79/99 и 13/01).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 76 став 1 во делот: “Ако тоа не го сторат се должни да ја надоместат штетата настаната од нивното воздржување” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот дел на одредбата од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 12 став 3 и член 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 76 став 1 од Законот за осигурување учесниците во сообраќајната незгода се должни, на барање на осигурувачот – обработувачот на отштетното побарување, да дадат опширно известување за околностите под кои се случила сообраќајната незгода. Ако тоа не го сторат се должни да ја надоместат штетата настаната од нивното воздржување.
4. Според член 8 став 2 алинеја 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 12 став 3 од Уставот се уредува дека лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот дел од одредбата на член 76 став 1 од Законот за осигурувње, според која, ако учесниците во сообраќајната незгода не дадат известување за околностите под кои се сличила незгодата, имаат обврска да ја надоместат штетата настаната од нивното воздржување, според мислењето на Судот, тој дел од оспорената одредба не може да биде ставен во корелација со наведените уставни принципи и од тој аспект да се оценува нејзината уставност. Имено, одредбата чиј дел се оспорува е поместена во одредбите од Законот што се однесуваат на задолжителното осигурување, поконкретно во главата за осигурување на сопственици, односно корисници на моторни возила од одговорност за штети предизвикани од трети лица, така што одговорноста за несторување односно воздржување да се соопштат околностите под кои се случила сообраќајната незгода и како резултат на тоа да се надомести штетата не значи автоматизам кој ја исклучува постапката на докажување, како што ја подразбира подносителот на иницијативата. Давањето на известувањето за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, се применува само доколку тоа го бара осигурувачот односно обработувачот на отштетното побарување, што инаку не е спорно за подносителот на иницијативата, како што не е спорно и тоа дека органот за внатрешни работи, како и правосудните и другите органи што ја водат постапката за сообраќајните несреќи, се должни на барање на друштвото за осигурување да дадат податоци за сообраќајната несреќа, што инаку се уредува со ставот 2 на член 76 од Законот.
Со оглед на наведеното, според мислењето на Судот, со оспорениот дел на одредбата на член 76 став 1 од Законот не се повредуваат уставните принципи за слободата на човекот и правото на одбрана во казнената постапка утврдени со член 12 од Уставот, поради што пред Судот не се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.180/2001
31 октомври 2001 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов