Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Рамковниот договор од 13 август 2001 година.
2. Герман Ушлиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се бара заштита на уставноста и примена на членовите 110 став 1 алинеја 2 и 112 став 2 од Уставот, бидејќи Рамковниот договор требало да се оценува како колективен договор потпишан од четири политички партии – правни субјекти кои изразиле колективна желба за договарање. Понатаму се наведува дека разговорите, преговорите, пазарењето се воделе далеку од јавноста, а се однесувале на таа јавност – народ кој ќе ги трпи “демократските придобивки”. “Малите богови” и свитата околу нив им ја кроеле судбината на генерации родени и неродени врз основа на тоа што само тие се паметни и само тие знаат како се води држава. Рамковниот договор се промовирал како миротворен, а кој не бил за договорот се сметало дека е за војна. Со Рамковниот договор се вршел заговор против Уставот кој на демократски начин бил донесен и прогласен од меѓународната заедница за демократски. Со таквите промени се одело кон фундаментално менување на уставното уредување на Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Рамковниот договор е склучен во Охрид, а оригиналниот текст на Рамковниот договор на англиски јазик како единствена автентична верзија е потпишан во Скопје на 13 август 2001 година од претседателот на Република Македонија, претседателот на ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, претседателот на Демократската партија на албанците, претседателот на Партијат аза демократски просперитет, специјалниот претставник на Европската унија и специјалниот претставник на Соединетите американски држави.
Составен дел на Рамковниот договор се и анексите и тоа: Анекс А – уставни амандамни, Анекс Б – измени во законодавството и Анекс Ц – имплементација и мерки за градење на довербата.
Во уводот на Рамковниот договор е наведено дека точките во наредниот текст даваат усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и Евроатланската заедница. Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани.
Понатаму, во Рамковниот договор се содржани: точка 1 – основни принципи; точка 2 – прекин на непријателствата; точка 3 – развој на децентрализирана власт; точка 4 – недискриминација и правична застапеност; точка 5 – посебни собраниски процедури; точка 6 – образование и употреба на јазиците; точка 7 – изразување на идентитетот; точка 8 – имплементација; точка 9 – анекси и точка 10 – завршни одредби.
Рамковниот договор не е ратификуван од Собранието на Република Македонија.
4. Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Согласно член 119 став 1 од Уставот, меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија, а според ставот 2 на овој член меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.
Со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (член 1), се уредува постапката и начинот на водење на преговори за склучување на меѓународни договори, склучувањето на меѓународните договори и пристапување кон повеќестрани меѓународни договори, покренувањето на постапката за ратификација, како и извршување на склучените меѓународни договори.
Согласно член 2 од овој закон, како меѓународен договор во смисла на овој закон се смета договор кој Република Македонија ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓународна организација, со кој се утврдуваат права и обврски за државата, согласно со Уставот на Република Македонија и меѓународното право, без разлика дали е содржан во еден или во повеќе меѓусебно поврзани документи. Според ставот 2 на овој член, не се сметаат како меѓународни договори актите кои ги склучуваат овластени органи во Република Македонија за извршување на склучени меѓународни договори и со нив не се преземаат нови обврски за државата.
Тргнувајќи од фактот што Рамковниот договор е воден под покровителство на претседателот на Република Македонија и во тоа својство е потпишан од претседателот, што Рамковниот договор е потпишан од четворица лидери на политички партии, како и фактот што претставниците на Европската унија и на Соединетите американски држави го потпишале актот во својство на сведоци, произлегува дека Рамковниот договор е политички акт на лидерите на најголемите политички партии во државата за излегување од кризата.
Оттука, Рамковниот договор, не е правен акт што може да биде предмет на уставно судска оцена, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.190/2001
31 октомври 2001 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов