У.бр.167/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, бр. 07-2964/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 6 септември 2001 година (“Службен весник на РМ” бр. 71/2001).

2. Јанко Бачев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Одлуката не била донесена како “резултат на слободно изградената волја и уверување на пратениците”, туку била донесена “во услови на постоење на уцена, закана (притисок) и ветувања”, поради што не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 16 став 1 и член 62 став 3 од Уставот.

Истовремено е побарано изрекување на времена мерка со цел да се спречи настанување тешко остранливи последици од актите и дејствата преземени по Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 131 став 1 од Уставот, според кој “Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”.

Понатаму, во точката 1 од Одлуката се определува дека “се пристапува кон измена на Уставот на Република Македонија”. Точката 2 гласи: “Оваа одлука влегува во сила веднаш, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Имајќи ја предвид содржината на Одлуката, како и содржината на член 131 став 1 од Уставот и позиционираноста на оваа одредба во делот VIII. Измена на Уставот, Судот утврди дека Одлуката не уредува права и обврски на некои субјекти кои ќе се најдат во одредена ситуација, туку утврдува почеток (стапнување) кон дејства за конкретна задача – измена на Уставот, за што, согласно член 110 од Уставот, тој не е надлежен да одлучува.

Покрај тоа, Судот утврди дека и аспектот на оспорувањето на Одлуката е всушност барање за оценување на фактичките дејства и однесувања на некои лица, а не е аспект за оценување на правни правила од понизок пропис со соодветни правила од повисок пропис, поради што и таа димензија од Одлуката не е материја од надлежност на овој Суд.

5. Со оглед на тоа што иницијативата е отфрлена, Судот утврди дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка определени во член 27 став 1 од Деловникот на Судот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.167/2001
31 октомври 2001 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов