У.бр.137/2001

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 14 од Законот за судските такси (“Службен весник на РМ” бр. 46/90, 65/92, 20/95 и 48/99) и членовите 171, 172, 173, 174 и 175 од Законот за процесна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 36/77, 36/80, 69/82, 58/84, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91).

2. Методија Богоески од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законските одредби наведени во точката 1 од ова решение, од причини што истиот се наоѓал во тешка имотна состојба поради што се обраќа до Судот со барање да му се одговори дали треба да биде ослободен од обврската за плаќање судски такси или не. Во иницијативата, подносителот бара од Судот преку оценување на уставноста и законитоста на оспорените законски одредби, да му каже дали треба да биде ослободен од плаќање судски такси или не, како би можеле судските органи да постапуваат по неговото барање за ослободување од оваа обврска.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата подносителот се обраќа до Судот барајќи истиот да оцени дали ги исполнува условите да биде ослободен од плаќањето судски такси или не. При тоа, во иницијативата тој посочува повеќе одредби од наведените закони, а кои во целина се однесуваат на начинот и условите под кои лице може да биде ослободено од обврската за плаќање судски такси, односно трошоци на парничната постапка.

Судот исто така оцени дека со иницијативата се бара толкување на законските одредби кои ја третираат оваа материја, кое би послужило пред редовните судови при одлучувањето за ослободување од оваа обврска.

Исто така, Судот утврди дека оспорените одредби од Законот за процесна постапка содржински не одговараат на причините за оспорување. Имено, членовите наведени во иницијативата, а содржани во постоечкиот Закон за парнична постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98) се однесуваат на институтот тужба во парничната постапка (содржина, тужба за утврдување, истакнување повеќе тужбени барања во една тужба, противтужба итн).

Наведените членови во иницијативата по својата содржина одговараат на оние содржани во “стариот” Закон за парнична постапка од 1977 година кој престана да важи и е надвор од правниот поредок.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањата и ако постојат други, процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со иницијативата се бара Судот да даде толкување на законски одредби заради нивна примена во практиката, од една страна и дека се оспоруваат одредби кои престанале да важат, од друга страна.

Исто така, Судот утврди и дека со иницијативата се бара Судот да утврди дали подносителот треба да се ослободи од плаќање судски такси или не, што претставува прашање кое е надвор од надлежноста на Судот.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да даде толкување на законски одредби, од кои дел од нив се надвор од правниот поредок, од една страна, и се бара да одлучи за прашање кое не спаѓа во негова надлежност, од друга страна, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.137/2001
24 октомври 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов