У.бр.136/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 18 став 2 и 3 и член 22 став 1 алинеја 9 од Статутот на Пливачкиот клуб “Струга” од Струга, донесен од Собранието на Пливачкиот клуб заведен под бр.03-24/1 од 21.12.1998 година.

2. Кирчо Матоски, од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на оспорените членови од Статутот означени во точката 1 од ова решение, затоа што членот 18 став 2 и 3 од Статутот не бил во согласност со член 26 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите, а член 22 став 1 алинеја 9 не бил во согласност со член 30 од истиот закон. При тоа, во иницијативата не е наведено кои одредби од Уставот се повредуваат со оспорените одредби од Статутот, односно со кои членови од Уставот тие не се во согласност.

Според наводите во иницијативата, неусогласеноста на оспорените одредби со цитираниот закон практично доведувале до неможност Собранието на Клубот да ги смени Претседателот и Управниот одбор, било поради неуспешноста на нивната работа или порди истекот на мандатот, бидејќи според оспорените одредби Собранието, кое, меѓудругото, било надлежно и за нивниот избор, го свикува Претседателот на Клубот или Управниот одбор, но тие користејќи ја формулацијата на оспорените членови, посебно на ставот 3 од член 18, досега не свикале, ниту имале намера да го свикаат Собранието на Клубот и покрај барањето од неговите членови.

3. Судот на седницата утврди дека според член 18 став 2 од Статутот, Редовното собрание се одржува секои четири години, а вонредното по потреба и по барање на најмалку 1/3 од членството на последно одржаното Собрание, а според став 3 на истиот член, Собранието на Клубот го свикува претседателот или Управниот одбор.

Според член 22 став 1 алинеја 9, Управниот одбор одлучува за прашања од надлежност на Собранието при неможност за свикување на редовно или вонредно Собрание.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува само за уставноста, а не и за законитоста на статутите на здруженијата на граѓаните.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека конкретните членови од Статутот подносителот ги оспорува само од аспект на член 26 и 30 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите, Судот утврди дека според член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува по барањето за оценување на нивната законитост, поради што согласно член 28 од Деловникот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во врска, пак, со наводите во иницијативата дека поради неусогласеноста на оспорените одредби од Статутот со Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите се доведувала во прашање работата на Собранието на Клубот, Судот изразува мислење дека за надминување на овој вид на проблеми е можно директно да се применат одредбите од Законот, како повисок пропис, односно акт од Статутот, со кој конкретно е уредено прашањето на свикување на седниците на собранието на здруженијата на граѓаните воопшто.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.136/2001
24 октомври 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов