У.бр.181/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 7 став 1 точка 5 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.67/92).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се ограничувале правата на странците на тој начин што не можеле да стекнат државјанство на Република Македонија ако против нив се води кривична постапка, иако кривично-правниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречена казна и натамошни последици за тоа не се допуштени, поради што законската одредба не била во согласност со член 13 став 1, член 14 став 1, член 29 став 1 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со член 7 став 1 точка 5 од Законот се определува “Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој поднесол барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следниве услови:…. против него да не се води кривична постапка во државата чиј државјанин е или во Република Македонија”.

4. Според член 29 став 1 од Уставот, “странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори”.

Од наведената уставна одредба произлегува дека странците ги имаат оние уставни слободи и права кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила од двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права на граѓаните на Република Македонија.

Оттука, определувањето во Законот за државјанство услови кои странец треба да ги исполни за да стане државјанин односно граѓанин на Република Македонија, па и услов да не е во тек кривична постапка против него во одредени држави, не е во несогласност со наведената уставна одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.181/2001
24 октомври 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов