Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/01).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 61 и 62 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
4. Здружението на граѓани приредувачи на забавни игри “Тетрис” од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 52, 61 и 62 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Законот се воспоставувала обврска за плаќање на надоместок за издавање на одобрение за приредување на забавни игри, за што немало уставен основ, се ограничувала слободата на пазарот, се влошувале условите за стопанисување на постојните приредувачи на забавни игри, се воведувало двојно оданочување, и се ускратувале правата стекнати врз основа на вложен капитал, што не било во согласност со член 55 став 1 и 2, член 56 став 3 и член 59 став 2 од Уставот.
5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 52 став 1 од Законот одобрение за приредување на забавни игри се издава со надоместок, а според став 2 на овој член од Законот министерот за финансии со правилник го определува надоместокот од ставот 1 на овој член.
Со оспорениот член 61 од Законот се уредуваше зголемувањето на месечниот паушален износ за приредување на одделни видови на игри на среќа и се утврдуваше начинот на плаќање на тој износ.
Според оспорениот член 62 од Законот, се додава нов член 79-а со кој се уредува дека приредувачите на игри на среќа и на забавни игри се должни да плаќаат посебна давачка во висина од 15% за секоја игра одделно на посебна уплатена сметка на Република Македонија и се уредува начинот на пресметување и плаќање на давачката.
Исто така, Судот утврди дека постапувајќи по предметот У.бр.53/2001, во кој предмет на оценување беа членовите 37, 61 и 62 од оспорениот закон, со Решение од 27 јуни 2001 гоидна, не поведе постапка за оценување уставноста на членовите 37 и 62 од оспорениот закон, а со Одлука У.бр.53/2001 од 12 септември 2001 година, го укина член 79 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/97, 54/97 и 13/01 – односно член 61 од оспорениот закон). Постапувајќи по предметот У.бр.110/2001 и У.бр.144/2001, во кој предмет на оценување беше целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/01), Судот, со Решение од 3 октомври 2001 година, не поведе постапка за оценување уставноста на овој закон, бидејќи оцени дека неговите одредби се во рамките на уставните ингеренции на Републиката со закон да ги уреди тие прашања и земено во целина тие се во согласност со уставните принципи.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот, меѓудругото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Тргнувајќи од наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 52 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, според која се овластува министрот за финансии со правилник да го определи надоместокот за одобрението за приредување на забавни игри, според мислењето на Судот, таквото овластување нема уставна основа, дотолку повеќе што во Законот не се содржани никакви критериуми за определување на висината на надоместокот, како што е случај со висината на надоместокот за концесијата востановена за приредување на игрите за среќа. Освен тоа, ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделбата на власта, не претставува извршување на одредба од закон и би можело да значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите што приредуваат забавни игри, што ќе произлезат од правилникот за кој е овластен да го донесе министерот за финансии.
Врз основа на наведеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со напред наведените одредби од Уставот.
7. Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со член 56 став 3 од Уставот се уредува дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Според член 59 став 1 од Уставот, на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката, а според став 2 на овој член од Уставот, правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 52 став 1 од Законот, според која одобрение за приредување на забавни игри се издава со надоместок, како и причините за оспорување наведени од подносителот на иницијативата, според мислењето на Судот востановувањето на надоместок за одобрение за приредување на забавни игри, како што впрочем е и концесијата востановена за приредување на игрите на среќа, е право на Републиката со закон да го уреди тоа прашање и со востановувањето на таквата обврска не се нарушуваат уставните принципи на кои се повикува подносителот на иницијативата. Имено, востановената обврска не значи нарушување на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, туку, напротив со тоа се избегнува монополската положба на лицата кои веќе еднаш добиле одобрение за приредување забавни игри, а доколку на постојниот приредувач на забавни игри му е причинета штета со тоа што ќе мора да плаќа соодветен надоместок за одобрението, како облигационен однос, тој тоа може да го откаже и во соодветна постапка да бара надомест на евентуалната штета. Исто така, според мислењето на Судот оспорената одредба не може да се стави во корелација со член 59 од Уставот, бидејќи оваа уставна одредба се однесува на странските, а не на домашните правни лица и таа не може да биде потпора на барањето на подносителот на иницијативата за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.
Врз основа на изнесеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на одредбата на член 52 став 1 од Законот со одредбите на Уставот.
8. Врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметите У.бр.53/2001, У.бр.110/2001, У.бр.144/2001 ја оценувал уставноста на членовите 61 и 62 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри и дека, притоа, со Одлука од 12 септември 2001 година го укина член 79 (член 61 од измените) од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, бидејќи оцени дека со оваа одредба се востановува двојно оданочување што не е во согласност со Уставот и дека со Решение од 12 септември 2001 година не поведе постапка за оценување на член 62 од оспорениот закон, како и со Решение од 3 октомври 2001 година не поведе постапка за оценување уставноста на целината на оспорениот закон, бидејќи оцени дека е во согласност со Уставот, што значи дека Судот за истата работа веќе одлучув ал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што иницијативата во тој дел ја отфрли.
9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.134/2001
24 октомври 2001 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов