У.бр.188/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на текстот на Нацртот на амандманите на Уставот на Република Македонија.

2. Герман Ушлиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на текстот на Нацртот на амандманите на Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се изнесуваат забелешки на текстот на Нацртот на амандманите на Уставот и тоа за амандманот IV се наведува дека граѓаните не превзеле никаква одговорност за сегашноста и иднината … и дека не се донесува Устав, туку измена на Уставот. Со амандманот V се воведувале два, три, четири, пет и повеќе службени јазици и два или повеќе службени јазици на државно ниво, како англискиот, францускиот и германскиот. Амандманот VI бил типичен комунистички амандман. Избор на сите видови тела, под формата на застапеност на малцинствата под “клуч”. Не се ценела способноста и квалитетот туку припадноста. Со амандманот VIII се овозможувало на територијата на Република Македонија да се употребуваат симболи на туѓа држава, иако се знаело што значат тие симболи за припадноста и суверенитетот каде што се појавуваат тие симболи. Со амандманите X, XI, XII, XIV, XV, XVI, и XVIIIсе воведувало консензуална демократија. Со тоа ќе се воведела и блокада на собранискиот систем и избор на одредени функционери, ако со тоа не се сложи поголемиот дел од малцинството во Собранието. Консензуалниот начин на гласање во Собранието ќе го блокирало секое донесување на закон или Уставот, ако за тоа албанското малцинство не се согласи. Се промовирало на мала врата дводомен парламентаризам, а нелојалноста кон државата добивала на значење, односно што повеќе си нелојален, толку поголеми привилегии добиваш.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека претседателот на државата ги пречекорил своите уставни овластувања со тоа што преговорите ги водел далеку од очите на јавноста, се споменува договорот меѓу политичките претставници на албанците во Призрен, донесувањето на Рамковниот договор од 13 август 2001 год. во Охрид, притисикот што се вршел од вооружените терористи за промена на Уставот и др. Се бара Судот да се заложи за принципот на владеењето на правото и времено да ја стопира расправата во Собранието на Република Македонија околу донесувањето на уставните измени.

3. Надлежноста на Уставниот суд е определена во членот 110 од Уставот.

Според овој член, Уставниот суд на Република Македонија: одлучува за согласноста на законите со Уставот; одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите; ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност; решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт; решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа; одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката; одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Согласно член 68 став 1 алинеја 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија го донесува и изменува Уставот.

Постапката пак за измена на Уставот е регулирана во членовите 129, 130 и 131 од Уставот.

Од наведеното произлегува дека донесувањето и изменувањето на Уставот е во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија, така што содржината и обемот на уставната материја зависи од волјата на уставо-творецот.

Уставниот суд нема надлежност и неможе да го цени Уставот како највисок правен акт и израз на политичката волја на субјектите во државата. Имено, Уставот за Уставниот суд е акт во однос на кој Судот ја цени уставноста на сите други пониски акти. Оттука и оценувањето на уставноста на текстот на Нацртот на амандманите на Уставот не е во надлежност на Уставниот суд.

Од истите причини Судот не го прифати барањето Судот да донесе решение со кое ќе ја запре постапката за усвојување на текстот на Нацртот на амандманите.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 188/2001
24 октомври 2001 година
Скопјe

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов