У.бр.145/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за користење на апанажа, донесена од Советот на Општина Бистрица на 9 ноември 2000 година (“Службен гласник на Општина Бистрица” бр.2/2001).

2. Марјан Ѓероски – градоначалник на Општина Бистрица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало право на плата после изминат мандат на градоначалник, а тоа не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Одлуката се определува “на поранешниот Градоначалник на Општина Бистрица господинот Душко Поповски му се одобрува користење на апанажа во траење од една година”. Потоа, член 2 од Одлуката утврдува “платата-апанажата да биде во висина на Буџетот на Општина Бистрица. Досегашната плата му била со коефициент од 2,70”, а според член 3, “Одлуката стапува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Бистрица”.

4. Со оглед на тоа што содржината на Одлуката утврдува едно право (право на плата) на едно конкретно лице (Душко Поповски), по негово барање и во одредена ситуација (после истечен негов мандат на функцијата градоначалник), а не регулира правен однос на неопределени субјекти по некое прашање и неопределено време, Судот утврди дека оспорената одлука не е пропис за чија уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.145/2001
24 октомври 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов