Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92) на седницата одржана на 24 октомври 2001 година донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Управниот одбор на ЈВП “Водостопанство на Македонија” бр. 04-904 од 26. 07. 2001 година.
2. Аце Денковски, Директор на Јавното водостопанско претпријатие “Водостопанство на Македонија” – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одлука се оневозможувало доорганизирањето на Јавното водостопанско претпријатие за да може со успех да ја врши дејноста од областа на стопанисувањето со води, која дејност во член 2 од Законот за јавните претпријатија и член 17 од Законот за водите била утврдена од јавен интерес, а за чие вршење Владата на Република Македонија, со Одлука од 4.05.1998 година го оснивала ова јавно претпријатие.
Исто така, со оспорената одлука истовремено се оневозможувало и остварувањето на општиот интерес на Републиката при користењето и заштитата на водите, како природни богатства, чиј режим бил утврден во Законот за водите.
Поради наведените причини, подносителот смета дека оваа одлука е спротивна на член 2 став 1 од Законот за јавните претпријатија и членовите 2, 3, 17 и 136 став 1 од Законот за водите, како и со член 56 од Уставот и предлага Судот истата да ја укине или поништи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има три члена. Во член 1 се предвидува дека времено се става вон сила Одлуката за основање на Подружници на ЈВП “Водостопанство на Македонија” – Скопје бр. 02 – 123 што Управниот одбор на ЈВП ја донел на седницата одржана на 22.09.1998 година, а според членот 2, со донесувањето на нова одлука на Управниот одбор дополнително ќе се определи датумот на престанокот на временото ставање вон сила на оваа одлука, која, пак, според членот 3, влегува во сила со денот на донесувањето.
Инаку, видно од основот за нејзиното донесување, оспорената одлука е донесена согласно член 31 точка 2 од Статутот и член 19 од Законот за јавните претпријатија, а истата содржи и образложение во кое се изнесени причините поради кои таа е донесена.
4. Согласно член 110, алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата или доколку постојат и други процесни пречки за одлучување.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и карактерот и содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека во конкретниот случај не е надлежен да одлучува по барањето за оценување на нејзината уставност и законитост од причини што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, со оглед дека таа се однесува на прашање што е од значење за внатрешната организација на работењето на претпријатието, за што е надлежно да одлучува самото претпријатие, а не и за права и обврски на вработените или на други субјекти надвор од претпријатието.
5. Во однос пак на наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се доведувало во прашање вршењето на дејностите за кои е основано ова претпријатие, што впрочем е и главна причина за поднесување на иницијативата, Судот смета дека проблемите од овој вид претпријатието треба да ги решава, односно надминува заедно со неговиот основач, односно Владата на Република Македонија, која што, како основач, има и соодветни права и обврски во тој поглед.
6. Врз основа на изнесеното Судот утврди како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.143/2001
24 октомври 2001 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов