Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност (“Службен весник на РМ” бр.80/99).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со него се ограничувало правото на работа и се создавала нееднаквост на граѓаните при вработувањето што не било во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 1 и 3, 9, 32 став 1 и 2, 51 и 54 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 4 став 2 точка 6 од Законот, лиценцата за вршење на детективска дејност ја издава Министерството за внатрешни работи на лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон го исполнува и условот во последните две години пред да добие лиценца за работа да не извршувал работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно со прописите од областа на внатрешни работи, работни места на определени должности согласно со прописите од областа на разузнавањето или работните места од член 123 од Законот за одбрана.
4. Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.33/2000 од 27 септември 2000 година не поведе постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност.
Во образложението на решението се вели: “Неспорно е дека законодавецот е овластен да ги предвидува посебните услови што треба да ги исполнува лицето при засновање на работен однос, па во тој контекст во Законот за детективска дејност, предвидел како посебен услов за добивање лиценца за вршење на детективска дејност, лицето во последните две години да не извршувало работи и работни задачи од тој карактер.
Со предвидувањето на вакви, условно речени ограничувачки норми, Судот смета дека всушност се спречуваат евентуалните конфилктни економски и морални интереси на граѓанинот, поради што Судот смета дека оспорената одредба не би требало да се опсервира од аспект на попречување на правото на граѓаните на достапност на работните места под еднакви услови и дека доколку ваквото законско ограничување не би постоело, граѓаните би можеле да бидат доведени во состојба, некој кој има неограничен број податоци за нив, а поседува лиценца, приватно да обавува детективска дејност да може наместо да ги брани нивниот имот, живот, слобода и другите со Устав загарантирани права, да брани друг интерес злоупотребувајќи ги тие податоци.
Меѓутоа и покрај можноста за настапувањето на евентуалните конфликтни интереси, законодавецот сепак не предвидува воопшто забрана за добивање лиценца за вршење на работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на управата, туку лиценцата ја условува само со апстиненција на лицето од овие работи за период од две години пред добивањето на истата”.
5. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативта ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот го ценел оспорениот член од Законот и не повел постапка за оценување на неговата согласност со Уставот, а нема основи за поинакво одлучување на Судот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.177/2001
10 октомври 2001 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов