Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
1) Одлуката за донесување на Основниот урбанистички план на град Струмица бр.02-697/1 од 14 ноември 1984 година, донесена од Собранието на општина Струмица.
2) Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план на град Струмица блок 22, бр.02(825/1 од 31 декември 1987 година, донесена од Собранието на општина Струмица и
3) Одлуката (Заклучокот) за ревизија на деталните урбанистички планови на општина Струмица бр.02/573/1 од 12 ноември 1997 година, донесена од Советот на општина Струмица.
2. Цветковиќ Светомир и Нисторова Божана од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на актите означени под 1), 2) и 3) во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, Одлуката означена под 1) во точката 1 од решението се оспорува затоа што Основниот урбанистички план пред неговото донесување, не бил доставен до републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизмот и просторното планирање, заради проверка на неговата согласност со просторниот план на Републиката и со постојните републички нормативи, поради што бил несогласен со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, што тогаш бил на снага.
Одлуката означена под 2) во точката 1 од ова решение се оспорува затоа што при донесувањето на оспорениот детален урбанистички план, не била запазена законски предвидената постапка во смисла што Планот во фаза на нацртот не бил доставен за давање согласност, односно мислење од органот на управа надлежен за работите на урбанизмот.
Одлуката означена под 3) во точката 1 од ова решение се оспорува затоа што не била донесена во законски предвидената постапка.
3. Советот на општината Струмица, во одговорот на наводите во иницијативата го известува Судот дека целокупната постапка за донесување на сите урбанистички планови во тоа време (1984 год.) ја водел Одборот за урбанизам при Извршниот совет на општина Струмица и дека Собранието на општина Струмица ги донесувало само одлуките.
Во писмото, исто така, се наведува дека со укинувањето на Извршниот совет, цеокупната документација била архивирана, поради што не се во состојба да достават сите потребни податоци.
Во однос на законитоста на постапката при донесувањето на Ревизијата на деталните урбанистички планови, во одговорот се наведува дека со неа не се продолжува важноста на плановите, туку истата дава можност да отпочне постапката за ревизија на постојните детални планови за град Струмица.
4. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Основниот урбанистички план е донесена во 1984 година од Собранието на општината Струмица на седница на Соборот на здружениот труд и Соборот на месните заедници. Содржи три члена. Со членот 1 се констатира дека се донесува Основниот урбанистички план за град Струмица. Членот 2 предвидува дека составен дел на оваа одлука е основниот урбанистички план на град Струмица со технички број 08-110 на Институтот за просторно планирање Охрид-Скопје. Членот 3 предвидува Одлуката да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струмица”.
Судот, исто така, утврди дека оспорената одлука за донесување на Основниот урбанистички план датира од 1984 година, односно во време на важањето на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/78).
Овој закон во членот 31 предвидуваше заради оценка на усогласеноста на Просторниот план на Републиката, со постојните урбанистички норамтиви и со одредбите на овој закон, должност на општинтие, на републичкиот орган на урпава надлежен за работите на урбанизмот и просторното планирање, да му ги доставуваат пред нивното донесување, меѓу другите, и основните урбанистички планови за населените места со на 5.000 жители.
Меѓутоа, дали Основниот урбанистички план од 1984 година бил донесен согласно оваа законска одредба, односно бил доставен до Републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизмот за оценка на неговата усогласеност со Просторниот план на Републиката, Судот не беше во можност да утврди, а од временска дистанца од скоро 20 години (во кој интервал овој план не бил оспоруван), оцени дека Планот, пред неговото донесување морал да биде доставен до Републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизмот за оценка на неговата усогласеност со Просторниот план на Републиката, поради што смета дека не може да се поставува прашањето за неговата законитост од овој аспект.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план на град Струмица е донесена 1987 година од Собранието на општина Струмица, на седницата на Соборот на здружен труд и Соборот на месните заедници. Содржи четири члена. Со членот 1 се констатира дека се донесува Детален урбанистички план на дел од градот Струмица, урбано подрачје ограничено со улиците: “Маршал Тито”, “Ѓорѓи Василев”, “Браќа Минкови”, “Киро Абрашев” и “Димитар Цветинов” (блок бр.22). Членот 2 предвидува дека составен дел на одлуката се текстуалните прилози и графичките прилози со тхе.бр.247/87, изготвени од РО “Проектант”-Струмица. Спроед членот 3 чувањето на Планот се доверува на Комитетот за станбено-комунални работи, узбанизам и ИПО при СО Струмица, а спроведувањто на Планот ќе го врши Комитетот за станбено-комунални работи, урбанизам, ИПО и СО Струмица. Членот 4 содржи одредба според која Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струмица”.
И оваа одлука се оспорува од истите причини, односно затоа што Планот, пред неговото донесување не бил доставен на согласност на Републичкиот орган за управа надлежен за работие на урбанизам.
Во фазата на донесувањето на овој план веќе е на снага Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90).
Согласно членот 32 став 1 на овој закон, просторниот план на регион, општина, подрачје од посебна намена и основниот урбанистички план, задолжително се доставуваат до Републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, на мислење и оцена за нивната усогласеност со Просторниот план на Републиката и со одредбите на овој закон.
Во тој период (1985 год.) Законот предвидувал просторни планови (на Републиката, на регионот, на општината, на градската заедница и просторен план на подрачје со посебна намена) и урбанистички планови (основен, детален, урбанистички проект и урбанистички план за помало населено место).
Според ставот 2 на член 19 од тој закон, деталниот урбанистички план се донесува за урбано подрачје или дел од подрачјето опфатено со основниот урбанистички план, на кое е предвидена реализација според етапи утврдени со насоките за спроведување на основниот урбанистички план.
Според тогашниот член 32 од Законот, просторниот план на регион, општина, подрачје со посебна намена и основниот урбанистички план (не деталниот) во фаза на нацрт на план, задолжително се доставувал до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, на мислење и оценка за нивната усогласеност со Просторниот план на Републиката и со одредбите на овој закон.
Имајќи ги предвид наведениве законски одредби, Судот оцени дека, не произлегува обврска деталните урбанистички планови да се доставуваат до републичкиот орган на управа надлежен за работите на урбанизам, туку таа обврска важела за основниот урбанистички план.
Од тие причини Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за законитоста на постапката при донесувањето на Одлуката за деталниот урбанистички план од 1987 година.
6. На крај, Судот утврди дека во иницијативата, Заклучокот, со кој се усвојува Елаборатот за ревизија на деталните урбанистички планови на општина Струмица и се продолжува важноста на сите урбанистички планови на Струмица, се оспорува затоа што бил донесен во незаконита постапка од причина што го продолжувал важењето на сите до тогаш донесени урбанистички планови.
Овој заклучок датира од 28 октомври 1997 година и како што кажува самиот наслов, со него се предвидува да се изврши ревизија на деталните урбанистички планови на град Струмица, а не продолжување на нивното важење.
Согласно член 20 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, потребата за измена и дополнување на просторен и урбанистички план се утврдува со ревизија на планот. Ревизијата е задолжителна по изминат период од 15 за просторен, 10 за генерален, односно 5 години за другите урбанистички планови.
Со други зборови, прашањето за предвидената ревизија е во согласност со оваа законска оредба која важела во време на донесувањето на Заклучокот.
А, тоа што во иницијативата се наведува дека со Заклучокот се продолжува важењето на урбанистичките планови, според Судот е неосновано, затоа што со бришењето на ставот 3 на член 51 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој предвидуваше дека урбанистичките планови што не се ревидирани по истекот на роковите наведени погоре во текстот, ќе се сметаат за недонесени, всушност го продолжи важењето на овие урбанистички планови.
Со оглед на тоа дека спорениот заклучок предвидува да се изврши ревизија на урбанистичките планови, што е согласно со член 20 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање што е на снага, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за неговата законитост од овој аспект.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.38/2001
10 октомври 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов