Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 октомври 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 1 во делот “од машки пол” и став 2 од истиот член во деловите “можат да” и “ако доброволно се пријават за воени обврзници” од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.42/01).
2. Здружението на граѓани “Светски македонски конгрес” на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означени во точка 1 од ова решение, затоа што во нив било предвидено дека на воена обврска задолжително подлежат само граѓаните од машки, а не и од женски пол, бидејќи за нив оваа обврска била предвидена само како можност и тоа доколку доброволно се пријават за воени обврзници, со што според подносителот на иницијативата се вршела нееднаквост, односно дискриминација на граѓаните по основ на пол во однос на остварувањето на нивното со Устав утврдено право и должност на одбраната на Република Македонија, поради што тие не биле во согласност со членовите 9, 28, 51 и 54 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во став 1 на член 3 од Законот за одбрана предвидено е дека на воена обврска подлежат сите граѓани на Републиката од машки пол на возраст од 17 до 55 години.
Во ставот 2 на истиот член од Законот предвидено е дека жените можат да подлежат на воена обврска под условите од став 1 на овој член, ако доброволно се пријават за воени обврзници до крајот на календарската година во која полнат 27 години живот.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 28 од Уставот одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Во член 122 од Уставот е предвидено дека вооруже-ните сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.
Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 42 од Уставот Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Малолет-ните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.
Од изнесените уставни одредби произелгува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно, меѓу другото, и од полот, меѓутоа жените како мајки посебно се заштитени и имаат посебни права врз основа на мајчинството.
Во врска пак со одбраната на Републиката, Уставот утврдува дека таа не е само право, туку истовремено е и должност на секој граѓанин, што значи и на мажите и на жените, но остварувањето на ова право и должност е препуштено целосно да се уреди со закон.
Врз основа на уставното овластување од член 28 став 2, со Законот за одбрана комплетно и целосно е уредена одбраната на Републиката како систем на одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката, со тоа што како субјекти на одбраната Законот ги утврдува граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија, а трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите и единиците на локалната самоуправа можат да извршуваат определени задачи во областа на одбраната (член 1).
Во член 2 од Законот се утврдени конкретните права и должности на граѓаните во остварувањето на одбраната на Републиката, така што тие: извршуваат воена обврска, учествуваат во цивилната заштита, извршуваат работна обврска и извршуваат материјална обврска. Во наредните неколку члена од Законот (од член 3 до 15) се утврдуваат посебните услови, начинот и времето на извршување на секои од наведените права и должности на граѓаните, па во таа смисла се и оспорените одредби на член 3 од Законот во поглед на извршувањето на воената овбрска, како една од формите на учество на граѓаните во одбраната на Републиката, при што во остварувањето на сите овие права и должности е предвидено да учествуваат и мажите и жените.
Ако се имаат предвид наведените законски одредби се добива впечаток дека во областа на одбраната поголема тежина имаат обврските за сметка на правата, а со оглед дека Уставот прокламира еднаквост на граѓаните само во однос на остварувањето на слободите и правата, а не и на обврските, односно должностите предвидени со Уставот, на прв поглед следува заклучок дека почитувањето на начелото на еднаквост меѓу мажот и жената во остварувањето на обврските од областа на одбраната не е императив.
Меѓутоа, независно од можното вакво размислување, Судот сепак смета дека со пропишувањето на различниот режим за извршување на воената обврска на мажите и жените (за првите таа да е задолжителна, а за вторите таа да е факултативна, односно исполнувањето на оваа обврска да е условена од нивната волја) во оспорените одредби од Законот, не се врши ограничување на слободите и правата, ниту се создава нееднак-вост меѓу граѓаните по основ на пол. Ова од причини што смислата и целта на овие законски одредби според мислењето на Судот треба да се гледа во контекст на сите слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, а признати и прифате-ни и во меѓународното право, а со кои во крајна линија се детерминира и нивната положба и позиција во општеството воопшто, а со тоа и во областа на одбраната.
Разгледувајки ги оспорените одредби во тој контекст, Судот смета дека различното утврдување на условите за исполнување на обврската за служење на воената обврска за мажот и жената претставува на најопшт начин потврда на интересот и грижата на Републиката за посебната заштита на жената, со оглед на нејзиното својство на родилка во определен период на возраст, односно на мајка. Посебната заштита на жената пак претставува уставна обврска на Републиката која произлегува од член 42 од Уставот, а законодавецот мора да ја почитува, односно е должен со закон да ги пропишува формите, начините и условите за остварување на оваа заштита. Инаку, освен оспорените одредби, Законот за одбрана содржи и други поконкретни одредби кои се во функција на посебната заштита на жената, а тоа се член 11 и 12 во кои е предвидено ослободување од должностите за учество во силите на цивилната заштита и за извршување на работната обврска на бремените жени и на мајки кои имаат или се грижат за дете до осум години.
Оттука, според мислењето на Судот оспорените одредби од Законот се оправдани и основани од аспект на член 42 од Уставот и нивната цел не е да создаваат дискриминација, односно нееднаквост на граѓаните по основ на пол, ниту да ги ограничуваат нивните слободи и права утврдени со Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот, наведени во иницијативата.
При тоа, Судот имаше предвид дека и според законите на другите земји жената не подлежи на задолжителна воена обврска и на служење на воениот рок, а и тие земји, како и нашата, се потписнички на меѓународните документи со кои се уредуваат права од доменот на рамноправноста на луѓето т.е. забраната на дискриминација.
Тоа, со други зборови значи дека и во овие земји на ист начин е разбран и операционализиран принципот на рамноправност на жената и мажот во сферата на одбраната, така што и од компаративен аспект не би можело да се изрази сомневање во уставноста на оспорените одредби од Законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.119/2001
3 октомври 2001 год.
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов