127/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Одлуката за утврдување на висината на учеството на осигурените лица во вкупните трошоци на здравствените услуги и лековите, донесена од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/01).

2. Димитар Митрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата одлуката се оспорува од една и единствена причина, а таа е дека според подносителот партиципацијата, односно учеството на осигурениците во вкупните трошоци на здравствените услуги и лековите не било спорно дека е јавна давачка, но дека, согласно член 33 и член 68 од Уставот, за воведување и определување на нејзината висина било надлежно Собранието на Република Македонија, а не Управниот одбор на Фондот. Поради наведеното предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука во однос на наведените членови од Уставот, а истовремено предлага до донесување на конечна одлука, Судот да го запре нејзиното извршување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука Фондот за здравствено осигурување на Македонија ја донел врз основа на овластувањата содржани во членовите 32 и 34 од Законот за здравственото осигурување и дека со неа се утврдува висината на учеството на осигурените лица со лични средства во вкупните трошоци при користење на здравствените услуги и лековите.

4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, јавните давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија.

5. Разгледувајќи ја оспорената одлука во контекст на изнесените уставни одредби, Судот утврди дека во конкретниот случај, со оспорената одлука ниту се воведува јавна давачка ниту, пак, се утврдува нејзината висина. Имено, според мислењето на Судот учеството на осигурениците во вкупните трошоци за здравствените услуги и лековите, и по својот формален назив и по природата на односите заради кои се воведува, не претставува јавна давачка, бидејќи основ за негово плаќање е користењето на конкретна здравствена услуга од страна на осигуреникот поради што ова учество претставува во извесна мерка противдавање за дадената услуга, што, пак, не е карактеристично за јавните давачки, кои по правило, за супстрат немаат некоја конкретна и директна услуга од страна на државата, чиј приходи се, (пример даноците и одделните видови придонеси, меѓу кои и придонесот за здравствено осигурување), со исклучок на судските, административните и другите видови такси и надоместоци, како посебни видови на јавни давачки, чие плаќање е поврзано со издавање на некој акт или преземање некое дејствие од страна на државните органи и институции.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членовите 33 и 68 од Уставот на Република Македонија, од чиј аспект се оспорува нејзината уставност, поради што и предлогот на подносителот на иницијативата, Судот до донесување на конечната одлука да го запре извршувањето на оспорената одлука, го оцени како неоснован.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.127/2001
3 октомври 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов