У.бр.229/2000-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р. 70/92), на седницата одржана на 3 октомври 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 111 во делот што гласи „Правилата за штрајк на Сојузот на синдикатите на Македонија” од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.229/2000 од 6 јуни 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на дел од одредбата на член 111 од Колективниот договор означен во точката 1 на оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според член 111 од означениот колективен договор правото на штрајк вработените во Министерството го остваруваат во согласност со закон и Правилата за штрајк на Сојузнот на синдикатите на Македонија.

5. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк, а со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согланост со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од Уставот, конкретно од членот 38 произлегува дека Уставот не ги утврдува условите за остварување правотото на штрајк, ниту упатува тие да се уредат со закон, освен што предвидува дека со закон можат да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата. Меѓутоа, според мислењето на Судот, и покрај отсуството на уставното овластување, условте за штрајк треба да бидат утврдени со закон.

Според член 1 став 2 од Законот за.штрајк (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/91), кој согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички пропис, правото на штрајк се остварува под условите утврдени со овој закон.

Во член 79 од Законот за работните односи о предвидено дека заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос, работниците имаат право на штрајк, во согласност со закон.

Оспорената одредба од член 111 од Колективниот договор упатува дека правото на штрајк вработените во Министерството за внатрешни работи го остваруваат во согласност со закон и Правилата за штрајк на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Меѓутоа, тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби дека правото на штрајк како право од работен однос се уредува само со закон и колективен договор, како и дека ограничувањето на условите за остварување на условите за правото на штрајк единствено се уредуваат со закон, Судот оцени дека оспорениот дел на оваа одредба од Колективниот договор, не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.229/2000
3 октомври 2001 година
С к о п ј е