93/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ точка 1 став 2 и точка 2 став 2 од Одлуката за бројот за запишување студенти во прва година на државните високообразовни установи на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола, во учебната 2001/2002 година, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.27/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од група граѓани преку адвокатот Бранко Јосифовски од Скопје, со решение У.бр.93/2001 година од 20 јуни 2001 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на означените одредби од Одлуката означени во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 46 од Уставот и член 85 став 2 и 101 од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.64/2000).

4. На седницата Судот утврди дека со одлуката Владата го определува бројот за запишување на студенти на двата универзитети соодветно на бројот даден во Конкурсите за запишување. Исто така, во оспорените делови од одлуката е утврдена максималната висина на кофинансирањето до која може да се движат фактултетите и универзитетите и тоа до 500 ГМ за Универзитетот во битола, а за Универзитетот во Скопје до 1500 ГМ за општествени и до 1900 ГМ за технички науки.

5. Според член 44 од Уставот секој има право на образование што му е достапно секому под еднакви услови, а задолжително и бесплатно е само основното образование.

Согласно член 46 од Уставот на Универзитетот му се гарантира автономија.

Според членот 89 став 1 од Законот за високото образование, државна високообразовна установа може да воведе кофинансирање на трошоците за студирање, ако не остварува средства од Фондот за тие потреби, а според став 4 на овој член од Законот, на висината на кофинансирањето од страна на државните високообразовни установи согласност дава фондот.

Во член 85 алинеја 9 од Законот, во надлежност на Управниот одбор на Фондот за високообразовна дејност е и утврдувањето на мерила и критериуми за кофинансирање на студиите и другите партиципации на студентите.

Според член 102 од Законот, Владата на Република Македонија го определува бројот за запишување на студентите на државните високообразовни установи што се финансираат од државата, по предлог на Фондот.

6. Од изнесените законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија има овластување само да го утврди бројот на студентите кои се запишуваат во рамките на државната квота. Надлежноста за воведување на кофинансирањето им припаѓа на високообразовните установи, во согласност со Фондот кој е институција во чие управување учествуваат универзитетските работници. Посегањето на Владата во прашањето на кофинансирањето претставува не само излегување од рамките на законот, туку и посегање по автономијата на универзитетот гарантирана со член 46 од Уставот. Тоа што не постои фондот, не значи дека неговата функција може да се префрли врз Владата, без соодветно задржување на положбата на универзитетот во одлучувањето за прашања од надлежност на Фондот. Од тоа гледиште, Владата излегува од рамките и на законот и на Уставот, поради што Судот оцени дека оспорената одлука во означените делови не е во согласност со Уставот и со законот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.93/2001
12 септември 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов