У.бр.141/2000-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92) на седницата од 18 јули 2001 година, го донесе следново

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 18 став 10 алинеја 1 од Законот за телекомуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија.

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на Панче Докузов-адвокат од Штип, со решение У.бр.141-а/2000, 141-б/2000 и 141-в/2000 година, поведе постапка за оценување уставноста на членот 18 став 10 алинеја 1 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 18 став 10 алинеја 1 од Законот за телекомуникации директорот има овластување да бара од јавните телекомункациски оператори и давателите на јавна телекомуникациска услуга да му доставуваат потребни информации, кои Дирекцијата ги смета за потребни заради вршење на нејзината надлежност утврдена со овој закон, обврзувајќи се да не објавува доверливи информации.

5. Согласно член 18 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.

Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува на граѓаните да им се гарантира заштитата од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето ифнормации за нив преку обработка на податоците.

Врз основа на наведените уставни одредби, Судот оцени дека со овластувањето на директорот да бара од давателите на јавните телекомуникациски услуги да му доставуваат потребни информации сврзани со работата на Дирекцијата, и давајќи му право сам да ги квалифицира како доверливи, односно недоверливи, е спротивно на членот 18 став 1 и 2 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.141а/2000,
141б/2000,
141в/2000
18 јули 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов