Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 во делот “и други закони” и член 109 став 2 во делот “и може да бара од Претседателот на Републиката да ја информира Владата за прашања од областа на одбраната, внатрешните и надворешните работи како и за други прашања кои произлегуваат од нивната надлежност” од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” 38/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на означените членови од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од член 1 од Деловникот не бил во согласност со член 5 став 2 од Законот за Владата, затоа што со Законот не е дадена можност Деловникот да биде во согласност и со други закони туку само со Законот за Владата, исто така оспорениот дел на член 109 став 2 не бил во согласност со членовите 84 и 85 од Уставот со оглед на тоа што со наведените уставни одредби не е предвидена можност Претседателот на Републиката да ја информира Владата за определени прашања, ниту пак од член 91 од Уставот не произле-гува дека Владата може да бара од Претседателот да ја инфор-мира за определени прашања.
Според иницијаторот таквите односи можат да постојат само меѓу Собранието на Република Македонија и Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија и Владата, а не и помеѓу Владата на Република Македонија и Претседателот на Републиката.
3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија е предвидено дека:
“Со овој деловник, во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот на Владата на Република Македонија и други закони, поблиску се утврдува внатрешната организација и се уредува начинот на работа на Владата на Република Македонија и нејзините работни тела, начинот на остварување на односите на Владата со Собранието на Република Македонија, со Претседателот на Република Македонија, односите на Владата спрема органите на државната управа и со општините и Градот Скопје и соработката на Владата со други органи и правни лица, како и други прашања од значење за работата на Владата”.
Според член 1 од Законот за Владта на Република Македонија со овој закон се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.
Во член 2 од наведениот закон е предвидено дека Владата како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кои работите од својата надлежност ги врши самостојно во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори ……
Во членот 5 од Законот е предвидено дека Владата донесува Деловник за работа.
Во став 2 на овој член е предвидено дека во согласност со овој закон со Деловникот поблиску се утврдува внатрешната организација, начинот на работата, како и други прашања од значење за работата на Владата.
Во членовите 25 и 26 од Законот за Владата се утврдени односите на Владата со Собранието и Претседателот на Републиката при што тие односи Владата ги остварува во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и закон.
Понатаму, во главата VIII од Законот за Владата се регулирани односите на Владата спрема органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.
Од анализата од наведените законски одредби како и од содржината на оспорената одредба произлегува дека Деловникот на Владата со кој се утврдува внатрешната организација, начинот на работата и другите прашања од значење за работата на Владата треба да биде во согласност со Законот за Владата, имајќи предвид дека со Деловникот се уредуваат прашања кои се однесуваат на внатрешната организација и работа на самата Влада.
Меѓутоа односите на Владата со Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје се регулираат покрај со Законот за Владата и со други соодветни закони (Законот за локалната самоуправа, Законот за Град Скопје и други).
Според тоа, формулацијата “и други закони” употребе-на во оспорениот член од Деловникот треба да се сфати дека се однесува токму на законите што се однесуваат на субјектите со кои Владата воспоставува односи како носител на извршната власт.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 во делот “и други закони” од Деловникот со Законот за Владата.
4. Судот понатаму утврди дека во член 109 став 2 од Деловникот е предвидено дека во остварувањето на своите права и должности Владата го информира Претседателот на Република Македонија “и може да бара од Претседателот на Републиката да ја информира Владата за прашања од областа на одбраната, внатрешните и надворешните работи, како и за други прашања кои произ-легуваат од нивната надлежност”.
5. Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.
Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон.
Во член 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата при што во став 1 точка 14 е предвидено дека, покрај другото, таа врши и други работи утврдени со Уставот и закон.
Во член 26 од Законот за Владата, покрај другото, е предвидено дека во остварувањето на своите права Владата го информира Претседателот на Републиката и може да побара од Претседателот да ја информира Владата за определени прашања кои произлегуваат од нивните надлежности во вршењето на извршната власт.
6. Од наведените уставни и законски одредби произле-гува дека Владата како носител на извршната власт во рамките на своите надлежности утврдени со закон може да бара од Претседателот на Републиката да биде информирана за одредени прашања од областа на одбраната, внатрешните и надворешните работи, а со цел да се обезбеди координација по прашањата од нивните надлежности во спроведувањето на извршната власт.
7. Според тоа, со оспорениот дел од одредбата од Деловникот не се доведува во прашање уставната поставеност на Претедателот на Републиката и негова подреденост на Владата, туку се утврдува меѓусебната соработка на Владата и Претседа-телот во рамките на извршната власт за прашања по кои двата органи се надлежни, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста за оспорената одредба од Деловникот со Уставот и Законот за Владата.
8. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.102/2001
18 јули 2001 год.
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов