118/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 во врска со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на РМ” бр.33/98).

2. Манчо Манчев, адвокат од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, затоа што со него се пропишува дека судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судска такса, што не било во согласност со начелото на еднаквоста во член 9 од Уставот и со принципот на владеење на правото.

3. На седницата Судот утврди дека веќе одлучувал за уставноста на оспорената одредба и со решение У.бр.221/98 и У.бр.10/99 од 24.02.1999 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност оценувајќи дека со неа не се создава нееднаквост на граѓаните со оглед на различната имотна положба, туку се пропишува поефикасен инструментариум за наплата на судските такси предвидени во Законот за судските такси во случаи кога согласно законот, оваа обврска настапува во моментот на поднесувањето на тужбата односно кога ќе се побара преземање на друго процесно дејствие, а истата не е наплатена навреме. Судот, исто така, ги имаше предвид и условите и начинот на ослободување од плаќање на судски такси во случај кога странката не е во состојба да ги плати, со што се обезбедува достапноста на судската заштита независно од материјалната состојба на граѓаните, поради што оцени дека членот 141 став 2 од Законот за парнична постапка не е во несогласност со член 9 од Уставот.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, помеѓу другото, и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

4. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорениот член од Законот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.118/2001
18 јули 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов