92/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 26 став 1 во делот “без оглед дали се наоѓаат на службена должност и дали тоа им е ставено во нивна должност” и член 74 став 1 точка 6 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95, 55/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од членовите од законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел на членот 26 став 1 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 став 4 од Уставот на Република Македонија, затоа што на овластените лица им се наложувало работите од нивна надлежност да ги вршат прво, без оглед дали тие им се ставени во нивна должност и второ, надвор од нивното работно време, со што им се повредувале и ограничувале правата на платен дневен, неделен и годишен одмор утврдени, односно загарантирани со член 32 став 4 од Уставот.

Членот 74 став 1 не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 и член 96 од Уставот, затоа што прашањата на кои се однесувала оспорената одредба биле законска материја, а во прилог на тоа посочува и соодветни одредби од Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка, Законот за прекршоците и др. Освен тоа, со оваа одредба не биле утврдени ниту рамките за донесување на подзаконските прописи за кои е овластен министерот за внатрешни работи во смисла на член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 26 став 1 од Законот утврдено е дека овластените службени лица се должни работите од својата надлежност да ги вршат во секоја прилика, без оглед дали се наоѓаат на службена должност и дали тоа им е ставено во нивна должност.

Според член 8 став 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 4 од Уставот секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените уставни одредби, меѓу другото, произлегува дека сите права, обврски и должности што произлегуваат од работниот однос, а кои ја определуваат и положбата на вработените, се предмет на уредување на закон и на колективен договор, при чие уредување подеднакво треба да се почитуваат уставните принципи на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните.

Врз основа на уставното овластување, прашањата во врска со работниот однос законодавецот на општ начин ги уредил во Законот за работните односи, а поради специфичниот вид и карактер, одделни прашања се уредени и во посебни закони, меѓу кои се Законот за државните службеници и Законот за внатрешни работи.

Законот за внатрешни работи, како леџ специалис, најпрво ги утврдува работите, кои во смисла на овој закон се сметаат како вантрешни работи, а чие вршење спаѓа во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Тоа се сите работи кои воглавно се однесуваат на заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, одржувањето на јавниот ред и мир, спречувањето на вршење на кривични дела, откривање и фаќање на сторителите на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи, регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата, контролата на преминување на државната граница, движење и престој во граничниот појас, работите сврзани со безбедноста на Републиката и др..

Понатаму, во посебна глава од овој закон се утврдени и посебните должности и овластувања на Министерството за внатрешни работи и правата и должностите на овластените службени лица во тоа министерство. Овластени службени лица се работниците во министерството кои имаат посебни должности и овластувања определени со закон, а согласно член 24 од Законот, за овластени службени лица се сметаат: работниците на полицијата и оперативните работници, работниците кои извршуваат работи кои се во непосредна врска со полициските и оперативните работи, министерот, неговиот заменик, раководните работници и работниците кои раководат со одредени организациони единици.

Работните места со посебни должности и овластувања се утврдуваат со актот за систематизација на Министерството.

Според Законот за внатрешни работи овластените службени лица во вршењето на работите од нивна надлежност ги имаат следните посебни права и должности: да ги легитимираат граѓаните заради утврдување на нивниот идентитет, на барање на граѓанинот овластеното службено лице при извршување на службените работи е должно да се легитимира, а во строго утврдени случаи овие лица можат да вршат затварање на пристапите на определен простор или објект и да го оневозможат напуштањето на тој простор и објект без одобрение, да вршат преглед на превозни средства, лица и багаж, да се послужат со сообраќајно средство и други сретства за врски во сопственост на правни лица и граѓани, да употребат огнено оружје и други средства на присилба и сл.

Во рамките на главата за посебните права и должности, се наоѓа и членот 26 од Законот, чиј дел се оспорува со оваа иницијатива.

Во врска со работното време, одморот и другите права и обврски на вработените во Министерството за внатрешни работи овој закон, исто така, содржи посебни одредби. Така, според членот 60, работното време на вработените во Министерството може да трае и подолго од со закон пропишаниот максимум во работна недела, во услови кога се извршуваат неодложни работи и задачи од член 1 на овој закон или во врска со тие работи, а додека во член 61 е утврдена можност на работникот да му се одложи, односно прекине користењето на годишниот одмор, кога неодложни потреби на Министерството за внатрешни работи тоа го бараат. Во тој случај работникот има право на надоместок на стварните трошоци настанати со одложувањето односно прекинувањето на годишниот одмор.

Од наведеното произлегува дека овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи освен правата, обврските и одговорностите утврдени во Законот за работните односи имаат и посебни права, обврски и должности утврдени во Законот за внатрешни работи за чие остварување се применуваат и посебните одредби од тој закон.

Разгледувајќи го оспорениот дел на член 26 став 1 од Законот за внатрешни работи во контекст на одредбите од Законот за работните односи и Законот за внатрешни работи со кои се уредува користењето на правото на дневен, неделен и годишен одмор, а кои подеднакво се однесуваат и на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, произлегува дека целта на оваа одредба не е да им го ускрати правото на дневен, неделен и годишен одмор на овие лица, но е за регулирање на посебната позиција, односно положба на овластените службени лица во однос на другите вработени во Министерството за внатрешни работи и во другите државни органи.

Во таа насока, со оспорената одредба на член 26 став 1 од Законот се утврдува дека овластените службени лица работите од нивна надлежност се должни да ги извршуваат во секоја прилика, што во суштина значи дека тие практично секогаш се наоѓаат на должност и ги имаат, освен посебните должности и сите овластувања утврдени во Законот. Вака дефинираната должност на овластените службени лица, според мислењето на Судот, наоѓа основ и оправдување во посебниот карактер и природа на работите кои спаѓаат во нивна надлежност, а кои се во функција на заштита на слободите и правата на сите граѓани, на одржување на јавниот ред и мир, на безбедноста на Републиката и сл., кои како повисоки вредности имаат приоритет во однос на правата на работниците што произлегуваат од работен однос, меѓу кои и правото на дневен, неделен и годишен одмор.

Од наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на член 26 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот во иницијативата.

4. Судот на седницата, исто така утврди дека според оспорениот член 74 став 1 точка 6 од Законот, се овластува министерот за внатрешни работи да донесе подзаконски прописи за начинот на постапување со привремено одземени и пронајдени предмети.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентични толкувања на законите, а согласно член 91, Владата на Република Македонија, меѓу другото, е овластена да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во врска со органите на државната управа, Уставот содржи одредба (член 95) според која организацијата и работата на овие органи се уредуваат со закон, така што овие прашања во моментот се уредени со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000). Во овој закон, покрај другите работи кои се утврдени во надлежност на органите на државната управа, е утврдено дека министерот донесува правилници, наредби, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овалстен со закон и дека со овие акти не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (член 55 и 56 од Законот).

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека овластувањето на министерот за внатрешни работи утврдено во оспорениот член 74 од Законот е во согласност со уставно утврдениот принцип на поделбата на власта, бидејќи во конкретниот случај не се работи за овластување на министерот да утврдува права и обврски на граѓаните и другите правни лица ниту надлежности на други органи, кои прашања спаѓаат во надлежност на законодавната власт. Напротив, утврденото овластување на министерот се однесува само за утврдување на начинот на кој ќе се постапува по предметите што овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи во вршење на работите од своја надлежност привремено ги одземаат доколку за нив постои основано сомнение дека се употребени или биле наменети за извршување на кривично дело или прекршок, до нивното предавање на надлежниот суд доколку се поднесе пријава за поведување на соодветна постапка, во која постапка судот конечно ќе одлучи за судбината на тие предмети, зависно од тоа дали на сторителот на кривичното дело или на прекршокот ќе му ја изрече или не мерката на безбедност – одземање на предмети. Поради наведеното Судот не го постави прашањето за согласност и на овој член од Законот со член 8 и член 96 од Уставот, од чиј аспект се оспорува неговата уставност.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.92/2001
18 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов