105/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за давање на користење – концесија на дивечот во ловиштата во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/99).

2. Ловечкото друштво “Елен” од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука дел од ловиштата, како што бил случајот со ловиштето “Тајмиште”од Кичево, се давале на користење на одделни концесионери, без да се почитуваат условите за концесионирање, што не било во согласност со членовите 37 и 38 од Законот за ловство.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, дивечотво пет ловишта во Република Македонија, меѓу кои и ловиштето “Тајмиште” од Кичево, се даваат на користење – концесија на одредени правни лица определени со самата одлука.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените одредби, а имајќи го предвид карактерот и содржината на оспорената одлука, според мислењето на Судот, таа уредува конкретни прашања и не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што оцени дека не постојат претпоставки за нејзино уставно – судско оценување.

5. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.105/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов