У.бр.138/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на точката 12 од Одлуката за дополнување на одлуката за донесување на измени и дополнувања на Основниот урбанистички план на Прилеп бр. 08-1021/10 од 16.11.1995 год ина, донесена од Собранието на Општина и тоа во делот “зона за бензиска пумпа за локална употреба – во кругот на “Металмонт”.

2. Група граѓани од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на актот озна чен во точката 1 од ова решение, од причина што истиот не бил донесен во постапка пропишана со закон.

Според подносителите на иницијативата била сторена повреда на членовите 49, 124 и 135 од Законот за општа управна постапка, односно дека како на заинтересирани странки не им било овозможено да ги реализираат своите права и интереси.

Понатаму, во иницијативата се истакнува дека со оспорената одлука (во посочениот дел) е сторена повреда и на Правилникот за класификација на објектите што со испуштање на штетни материи можат да го загадат воздухот во населените места и формирање зони за санитарна заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/76), од причина што бензиската пумпа била лоцирана премногу блиску до куќите во кои тие живеат, спротивно на она предвидено со Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на Програмата за изработка на урбанистички планови во Прилеп и општината за 1993 година се пристапило кон изменување и дополнување на Основниот урбанистички план на град Прилеп.

За таа цел од страна на Заводот за урбанизам, проектирање и изработка на студии – Прилеп бил изработен Нацрт-план за измени и дополнувања на Основниот урбанистички план на град Прилеп. Овој Нацрт-план со соопштение бр.09 сл. од 17. 11. 1993 год., од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – ПО Прилеп бил ставен на јавна расправа во периодот од 18.11 до 2.12.1993 година на која заинтересираните субјекти можеле да ги изложуваат своите забелешки.

Во октомври 1993 год. ЗУП Битола извршил стручна ревизија на нацрт – измените и дополнувањата на ОУП на град Прилеп под број 2282/93.

Разгледувајќи го предложениот нацрт – план за изменување и дополнување на ОУП на град Прилеп била констатирана потреба од проширување на парцијалните измени и дополнувања на планот. Во рамките на овие согледувања се посочува и потребата да се определи површина за изградба на бензиска пумпа од јавен карактер, во делот на површината определен со постојниот план за потребите на ” Металмонт”, доколку за тоа постојат услови и потреби.

За таа цел бил изработен нов нацрт – план за измени и дополнувања на ОУП за одредените локалитети. Во јуни 1994 год. била извршена стручна ревизија на нацрт измените и дополнувањата на ОУП на град Прилеп под бр.2321/94. Во оваа ревизија, во делот што се однесува на измената на локалитетот Б од планот утврдено е дека постојната ширина на означената површина овозможува постоење бензиска пумпа од затворен тип – за потребите на “Металмонт”.

Со соопштение бр.08-139 од 27.06.1994 год. Подрачното одделение на ресорното министерство го ставило овој нацрт – план на јавна расправа во периодот од 29.06 до 13.07.1994 година.

Врз основа на спроведената расправа, во јануари 1995 година Собранието на Општина Прилеп изработило Извештај од одржаниот јавен увид и јавна расправа по нацрт – измените и дополнувањата на ОУП Прилеп.

Врз основа на целокупната претходна документација, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – ПЕ Прилеп изработило Извештај од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки по нацрт-измените и дополнувањата на ОУП на Прилеп.

Со акт бр. 20-8192/94/б од 30.03.1995 година Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина издало согласност на Предлог-планот за измени и дополнувања на делови од ОУП за град Прилеп.

Оваа согласност се однесува и за двата плана и тоа: предлог – план техн.бр.2282/95 и техн.бр.2321/94.

Врз основа на вака спроведената постапка на 31.05. 1995 год., Собранието на Општина Прилеп донело одлука за донесување на измени и дополнувања на ОУП на Прилеп бр.08-461/6.

Во членот 2 од оваа одлука е наведено дека составен дел од истата се графички прилози (наведени се 4 точки) и текстуален дел (наведени се веќе споменатите акти).

На 16.11.1995 година Собранието на Општина Прилеп ја носи предметната одлука бр.08-1021/10 со која кон делот И (графички прилози) од претходната одлука се додаваат нови точки од 5 до 14, меѓу кои во точката 12 е предвидена зона за бензиска пумпа за локална употреба (она што е оспорено со иницијативата). Всушност, со оваа одлука се донесени (дополнети) останатите измени.

4. Судот утврди дека иако во иницијативата подносителите упатуваат на одредби од Законот за општа управна постапка кои тие сметаат дека се повредени со оспорената одлука, сепак од содржината на наводите се заклучува дека всушност се работи за барање за преиспитување на законитоста на одлуката од аспект на постапката за нејзиното донесување, во која всушност и се остварува заштитата на правата и интересите на заинтересираните страни. Оттука, Судот се впушти во оценување дали оспорената одлука е донесена во постапка пропишана со Законот за системот за просторното и урбанисти чкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр. 38/85, 18/89, 38/90, 62/93) кој бил во важност во времето на донесувањето на Одлуката.

Согласно член 37 став 2 од Законот измените и дополнувањата на просторните и урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивното донесување.

Според членот 31 просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план.
Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа.

Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот.

Јавната расправа за урбанистички план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа.

Согласно ставот 6 на овој член, врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на планот.

Според членот 31-а на нацртот на просторниот и урбанистичкиот план се врши стручна ревизија.

Согласно член 32 урбанистички план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Според членот 33 органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Собранието на општината предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Согласно член 34 став 2, собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината.

Од изнесеното може да се заклучи дека Законот пропишал јасно дефинирани принципи во однос на постапката за донесување, односно изменување и дополнување на урбанистичките планови, кои меѓу другото треба да обезбедат вклучување на заинтересираните субјекти во фазата на нивната подготовка, а со цел заштита и неповредување на нивните права и интереси. Впрочем, токму овој елемент на постапката за донесување, односно изменување и дополнување на урбанистичките планови е предмет на оспорување со предметната иницијатива.

Од фактичката состојба утврдена по предметот Судот оцени дека во целина составните елементи на постапката се почитувани и спроведени. Имено, изменувањето и дополнувањето на ОУП на град Прилеп е спроведено во постапка која содржи нацрт и предлог фаза, јавна расправа, стручна ревизија и согласност на органот на управата надлежен за работите на урбанизмот. Ова се однесува на изменувањето и дополнувањето на планот во целина што е сторено со две одлуки, два различни правни акти. Имено, изменувањето и дополнувањето на ОУП на Прилеп е сторено со двете одлуки, водени се две постапки, но сфатени во интегрална форма. Оттука, одлуката во која е содржана оспорената одредба треба да се толкува како продолжение, односно составен дел на одлуката, донесена на 31.05.1995 година.

Всушност, со оваа одлука се врши само дополнување со нови точки кои биле предмет на анализа во постапка пропишана со Законот. Впрочем, оспорената одредба (точка 12) од одлуката, која се однесува на постоењето бензинска пумпа за локална употреба била предмет на јавна расправа, по неа имало забелешки, истата е третирана и во рамките на стручната ревизија од јуни 1994 година. Со оваа одлука се врши дополнување на претходно донесената одлука за изменување и дополнување на ОУП на Прилеп, и тоа во членот 2 став 1 дел 1 насловен како “графички прилози”. Во прилог на ова становиште е и издадената согласност од ресорното министерство која ги опфаќа сите измени и дополнувања на планот, вклучувајќи ги и дополненијата сторени со предметната одлука. Тоа значи дека оваа согласност ги супсумира предлог измените и дополнувањата на двете одлуки.

Оттука, според мислењето на Судот, оспорената одредба од одлуката е донесена во постапка пропишана со закон и е содржана во акт кој само временски е дистанциран од “матичната” одлука за изменување и дополнување на ОУП на Прилеп со кој сочинуваат една целина. Во оваа насока е и третманот на издадената согласност која се однесува на двете одлуки.

Што се однесува до втората релација на оспорување во однос на цитираниот Правилник, Судот оцени дека се работи за прашање од фактичка природа за кое Судот не е надлежен да одлучува. Исто така прашањето за меѓусебната согласност на прописите не спаѓа во рамките на овластувањата на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јо ван Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.138/2000
11 јули 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов