114/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за критериумите за бројот на распоредот на службените седишта на нотарите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.112/2000).

2. Нотарската комора на Република Македонија, застапувана од Никола Крајчевски, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот правилник бил донесен спротивно на членот 114 од Законот за вршењето на нотарските работи според кој бројот и распоредувањето на нотарите на територијата на Република Македонија го утврдува министерот за правда по протекот на три години од примената на овој закон. Во случајов, не бил истечен овој рок од три години, поради што можело да се постави прашањето за неговата законитост од овој аспект. Исто така, Правилникот се оспорува и затоа што определувањето на бројот и седиштето на нотарите, било извршено надвор од законски предвидените критериуми. Поточно, бројот на нотарските места бил паушално зголемен, односно не биле испочитувани критериумите предвидени во Законот за вршење на нотарските работи.

Министерот за правда го донел оспорениот правилник без добиено мислење од Нотарската комора на Република Македонија што, во случајов, е цондитио сине љуа нон.

Воедно, со иницијативата се предлага Судот, до донесување на конечна одлука да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот правилник, со што ќе се попречело настанувањето на неотстранливите штетни последици.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се вршат измени само во нацртот на распоредот на службените седишта (кој е составен дел на Правилникот) во смисла што претходно определниот број на нотари и на нивните службени седишта се зголемува во вкупно 18 општини во Републиката.

Исто така, Судот утврди дека оспорениот правилник бил предмет на оценка пред Судот, односно дека Судот со Решение У.бр.22/2001 од 13 јуни 2001 година не повел постапка за оценување законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за критериумите за бројот и распоредот наслужбените седишта на нотарите во Република Македонија.

4. Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа дека Судот веќе се произнел по оспорениот Правилник, односно оценил дека не може да се постави прашањето за неговата законитост, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.114/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов