Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на
а) Решението за верификација на членови во советот на општина Долнени, донесено од советот на истоимената општина, на 28 октомври 2000 година.
б) Решението од Изборната комисија на општина Долнени од 1 декември 2000 година со кое се уважува приговорот поднесен од Ибесим Демирајлија од село Дебрешта.
в) Решението на Државната изборна комисија од 24 октомври 2000 година со кое жалбата на Амедовски Сабедин од село Дебрешта, против решението на Изборната комисија на општина Долнени, се уважува и
г) Решението на Државната изборна комисија од 24 декември 2000 година, со кое жалбата на Араповски Ирфан и Ајдароски Еџевит од с. Дебреште од листата на кандидати за Демократската партија на Турците за членови на совет на општина Долнени, против решението на општинската изборна комисија на општина Долнени од 1 декември 2000 година, се одбива како неоснована.
2. Демократската партија на Турците, застапувана од Ердован Сарач на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени под а), б), в) и г) од точката 1 од ова решение, затоа што биле донесени во постапка спротивна на Законот за локалните избори.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените решенија се уредуваат прашања од процедурална природа во смисла на верификација на членови на советот на општината, постапувањето на второстепените изборни комисии по жалбите поднесени против решенијата на првостепените комисии и сл. Исто така, од содржината на оспорените акти, Судот утврди дека тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и колективни договори.
Исто така, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Со оглед на тоа дека оспорените решенија не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот, како такви, излегуваат надвор од доменот на неговата надлежност, па согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.70/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов