Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и закониотоста на:
а) Член 56 став 2 од Општиот колективен договор на Република Македонија;
б) Член 56 став 2 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија;
в) Член 112 од Колективниот договор за дејностите производство и преработка на метали, црна и обоена металургија, рударство, електроиндустрија и енергетика; и
г) Член 135 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија Електростопанство на Македонија.
2. Васко Костески од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од колективните договори означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби, поединечно и сите заедно, ги доведувале работниците во нееднаква положба со другите вработени и немале основа во член 38 од Уставот на Република Македонија, односно со загарантираното право на штрајк.
3. Судот на седницата утврди дека според член 56 став 2 од Општиот колективен договор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 29/92) за време на штрајкот работниците имаат право на надомест, согласно колективен договор, односно општ акт, но не помалку од 60% од најниската плата утврдена со овој колективен договор”.
Во членот 56 став 2 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 29/94) е предвидено дека организаторите во штрајкот, односно учесниците во штрајкот уживаат заштита утврдена со закон и имаат право на материјален надомест за време на штрајкот најмалку во износ од 60% од најниската плата утврдена со овој колективен договор доколку штрајкот е организиран и се спроведува во согласност со актите од став 1 на овој член (став1 предвидува: работниците, правата на штрајк ги остваруваат во согласност со закон, колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец).
Членот 112 од Колективниот договор за дејностите производство и преработка на метали, црна и обоена металургија, рударство, електроиндустрија и енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/94) предвидува дека за време на штрајкот кој го организира и води Синдикатот-потписник на овој колективен договор, работодавците-членови на СМЕР ги остваруваат сите права од работен однос, вклучувајќи го и правото на материјален надоместок кој за време на штрајкот изнесува најмалку 60% од најниската плата утврдена со овој договор и колективниот договор на ниво на претпријатие.
Според член 135 од Колективниот договор за јавните претпријатија од гранката енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/96) за време на прекин на работа без вина на работникот кој изнесува до 8 часа надоместокот на плата изнесува 100% од основната плата, преку еден ден до 30 дена – 80%, а над 30 дена 70% од основната плата на работното место.
Надоместокот се исплатува ако не е можно да се надомести изгубеното полно работно време.
4. Според, член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Според членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата.
Од Уставот, конкретно од членот 38 произлегува дека Уставот не ги утврдува условите за остварување правото на штрајк, ниту упатува тие да се уредат со закон, освен што предвидува дека со закон можат да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата. Меѓутоа, Уставот не содржи ниту забрана дека условите за штрајк не треба да се уредат со закон.
Според член 1 став 2 од Законот за штрајк (“Службен весник на Република Македонија” бр. 23/91), кој согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички пропис, правото на штрајк се остварува под условите утврдени со овој закон.
Во членот 79 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 89/93, 14/95, 53/97, 21/98, 25/2000 и 3/2001), е предвидено дека заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос, работниците имаат право на штрајк, во согласност со закон.
Оттука како спорно се поставува прашањето дали со колективен договор може да се утврди право на надоместок место плата за време на штрајк, односно дали партнерите во колективното договарање можат да утврдат вакво право и да ја определат висината на надоместокот.
На ова прашање се надоврзува и прашањето дали со таквото уредување работниците се доведуваат во нееднаква положба.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби според мислењето на Судот уставноста и законитоста на оспорените одредби од колективните договори треба да се оценува и во контекст на правата што произлегуваат од ставот 5 на членот 32 од Уставот, според кој нормативното уредување на правата од работниот однос се уредува со закон што е функција на државата (законодавната власт) и со колективен договор – договорна, а не државна функција.
При тоа, Уставот не ја определува содржината и обемот на правата туку тие се уредуваат со закон и колективен договор што значи дека со колективните договори се доуредуваат во согласност со Закон одделни права, обврски и одговорности, како и обемот и начинот на остварување на правото и другите прашања за работниците и за работодавецот. Според тоа, независно од тоа што Уставот и Законот за работните односи не содржи изрична одредба дека за време на штрајк на работниците им се обезбедува надоместок место плата, Судот смета дека не е спорно со колективен договор може да се уреди и ова право.
Исто така, според мислењето на Судот, во рамките на колективното договарање во зависност од изразената воља и интерес односно економските можности на партнерите, може да се утврди и висината на надоместокот место плата за време на остварувањето на правото на штрајк на работниците. И покрај тоа што Законот за работните односи не содржи изрична одредба за правото на надоместок место плата за време на остварувањето на правото на штрајк, членот 72 од овој закон упатува дека на работникот му припаѓа надомест на плата за времено отсуство од работа под услови и во висина утврдени со закон и колективен договор од што произлегува дека и висината на надоместокот може да биде предмет на колективното договарање.
Уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ги обврзува законодавецот и субјектите на колективното договарање во уредувањето на прашањата за остварување на правата на вработените и нивната положба со законот и колективните договори да обезбедат еднаква правна положба на сите работници, меѓудругото и по прашањето на надоместокот место плата за време на штрајк. Меѓутоа, тргнувајќи од содржината на оспорените одредби од колективните договори, Судот оцени дека тие не се во спротивност со концепцијата на колективното договарање, особено што колективните договори се задолжителни како за тие што ги склучиле, така и за работниците и за работодавците во чие име е склучен и во тој контекст треба да се оценува еднаквоста на граѓаните. При тоа треба да се има предвид дека во колективните договори односно со оспорените одредби е утврдена и рамката за најнискиот износ на надоместокот да изнесува 60% од најниската плата утврдена со договорот. Во спротивно би се довел во прашање карактерот на колективните договори, со кои покрај со закон, се уредува остварувањето на правата на работниците и нивната положба. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од означените колективни договори со член 9 и член 38 од Уставот.
Врз основа изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 59/2001
4 јули 2001 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов