101/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за платите и надоместоците на платите во Министерството за одбрана број 01-1041/2 од 24 април 2000 година (пречистен текст).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставникот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот правилник непосредно се уредувало правото на армиски додаток, правото на надомест за работа во трупа, надоместок за работа за извршување на летачка обука, надоместокот за работа во единиците за електронско извидување и надоместок за дежурство, што не било во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, со член 9, со член 32 став 5, со член 51, со член 52 став 1 и 2, со член 54 став 1 и со член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, со член 123 од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.8/92), со член 19 став 2, со член 161 став 1, со член 164 и со член 219 став 1 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и “Службен весник на РМ” бр.63/94, 63/98), со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на РМ” бр.58/2000) и со членовите 69, 72 и 74 од Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 21/98, 25/2000 и 3/2001), затоа што министерот за одбрана ниту со еден од означените закони не бил овластен да донесува Правилник за плати и надоместок на плата.

Подносителот на иницијативата посебно се осврнува на член 20 од Правилникот со кој непосредно биле утврдени основите за зголемување на основната плата и тоа по повеќе основи, меѓутоа тој смета дека овие права не можеле да се утврдуваат со правилник.

Исто така, подносителот на иницијативата посебно се осврнува на одредбата од ставот 2 на член 21 од Правилникот, според која на работниците во Министерството за одбрана кои остварувале право на зголемена заработувачка врз основа на член 123 од Законот за одбрана, не им припаѓало зголемување на платата по основ на став 1 на овој член (се однесува за работа во деновите на празници, ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работната недела), поради што не била во согласност со означениот член од Законот за одбрана, со член 74 од Законот за работните односи и со член 53 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа.

Понатаму, во иницијативата подносителот прави осврт на решенијата содржани во основниот текст на оспорениот правилник од бр.812/1 од 30 септември 1993 година и подоцнежните измени и укажува на различноста на решенијата.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се уредува прашањето за платите и надоместоците на плати во Министерството за одбрана.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е пропис во смисла на означената уставна одредба, туку акт со кој се уредуваат прашања од сферата на работните односи во Министерството за одбрана, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.101/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов