Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Роберт Минов од Велес за заштита на слободите и правата на стечајците од “Порцеланка” АД Велес.
2. Роберт Минов од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на стечајците на “Порцеланка” АД Велес повредени во текот на стечајната постапка, која според наводите во барањето, била спроведена спротивно на важечката законска регулатива.
Имено, во барањето се наведува дека без согласност на вработените, заостанатите плати биле конвертирани во траен влог во друштвото, а за Решението СТ.бр.7/99 со кое е прифатена програмата за финансиска консолидација и сопственичка трансформација на “Порцеланка” АД Велес, донесено од Основниот суд во Велес на 14.07.2000 година гласале нелегитимни застапници на вработените, што подносителот го поткрепува со изјави дадени кај нотар со кои се негира овластувањето за застапување во Одборот на доверители. Со тоа, подносителот смета дека се сторени повреди на повеќе одредби од Уставот на Република Македонија, и тоа членовите 8, 9, 15, 24, 25, 30, 32, 34, 35, 51, 54, како и на одредби од Законот за работни односи, Законот за стечај, Законот за судовите и Кривичниот Законик.
3. Судот на седницата утврди дека во барањето поднесено до Судот се упатува на повеќе повреди и злоупотреби во текот на целата стечајна постапка на “Порцеланка” АД Велес и особено се наведува Решението СТ.бр.7/99, донесено од Основниот суд во Велес на 14.07.2000 година, со кое се констатира дека програмата за финансиска консолидација и сопственичка трансформација, донесена од УО на “Порцеланка” АД Велес, за која е добиена согласност од УО на Агенцијата за приватизација на Република Македонија, се прифаќа и дека за неа гласале доверителите чии побарувања изнесуваат повеќе од половина од вкупно утврдените побарувања на сите доверители кои имаат право на глас. Мерките на програмата имаат правно дејство спрема сите доверители. Во образложението на Решението се наведени процентуалните учества на доверителите од вкупно утврдените побарувања и начинот на гласањето.
3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, мо`е да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Имајќи ги предвид овие одредби произлегува дека Судот е надлежен да одлучува за заштитата на оние слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се повредени со конечен или правосилен поединечен акт или дејство. При тоа, Деловникот утврдува и рок во кој мо`е да се реализира оваа заштита-2 месеци од денот на доставувањето на актот, односно преземањето на дејството.
Во конкретниот случај Судот оцени дека барањето се сведува на ревизија на стечајната постапка на “Порцеланка” АД Велес и Решението со кое се прифаќа програмата за финансиска консолидација и сопственичка трансформација на претпријатието. Централното прашање во барањето е конверзијата на заостанатите, а неисплатени плати на вработените во траен влог во претпријатието, со кое тие не се согласуваат и за кое тие сметаат дека гласале, во нивно име, нелегитимни претставници. Како акт со кој е сторена повредата, во барањето се наведува Решението СТ.бр.7/99 од Основниот суд во Велес, донесено на 14.07.2000 година кое нема карактер на конечен или правосилен поединечен акт против кој Судот би имал надлежност да одлучува. Покрај тоа, не е запазен ниту рокот за поднесување на барањето за заштита на слободите и правата предвиден во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
Покрај тоа, Судот оцени дека со барањето се бара заштита на слободи и права на човекот и граѓанинот кои не спаѓаат во рамките на оние утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, за кои Судот е надлежен да постапува и одлучува.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.113/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов