73/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на ДУП “Стара скопска чаршија” Скопје бр.7-600 донесена од Советот на општина Центар на 28 септември 1999 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.16/99).

2. Сехат Фетовиќ од Скопје и други граѓани од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што пред донесување на планот подносителите на иницијативата не биле известени ниту биле вклучени во јавната расправа односно не биле анкетирани што не било во согласност со Законот за просторното и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека на 28 јуни 1999 година Советот на општина Центар, го утврди нацрт-Планот за “Стара скопска чаршија”, нацрт-Планот бил изложен во Месна заедница “Гоце Делчев” од 1-15 јули 1999 година, за што граѓаните биле известени преку весникот “Дневник” на 30 јуни 1999 година.

Од извештајот од јавната анкета од 20.09.1999 година Судот утврди дека се доставени девет забелешки, од кои осум биле вградени во планот, а за една е дадено стручно образложение. По спроведување на наведената постапка на 28 септември 1999 година е донесена Одлуката за донесување на ДУП “Стара скопска чаршија” Скопје.

Во оспорената одлука во член 2 е утврден просторот за кој се донесува ДУП во кој план е опфатена и ул.”Дрварска” на која всушност и се однесува новата иницијатива. По донесување на оспорената одлука Министерството за урбанизам на 8 декември 1999 година дало согласност на целата Одлука.

4. Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99) плановите од член 7 на овој закон (што значи и деталните урбанистички планови) се изработуваат како нацрт и предлог на план, а според ставовите 3 и 5 од истиот член на Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна анкета.

Понатаму, според член 18 став 1 од Законот, јавната анкета од член 17 став 3 на овој закон се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата, а според став 2 од истиот член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Според член 18 став 3 од Законот, за јавната анкета од член 17 став 3 на овој закон, Министерството надлежно за работите на урбанизмот изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.

Во член 22 став 6 од Законот се определува дека деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај по оспорената одлука, биле преземени сите дејства пропишани со изнесените законски одредби, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.73/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов