Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јуни 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Известувањето на Фондот за здравствено осигурување во врска со примената на Законот за здравствено осигурување, доставено до подрачните служби на овој фонд, бр.08-3405/1 од 13 април 2000 година.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатство на Фондот за здравствено осигурување бр.08-3405/1 од 13 април 2000 година.
Според наводите во иницијативата оспореното Упатство не било во согласност со член 34 од Уставот, затоа што граѓаните имале право на социјално осигурување односно права од социјалното осигурување, утврдени со закон и колективен договор. Упатството не било во согласност со Законот за здравственото осигурување, со членот 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со Упатство се пропишувал начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од законите и други прописи. Исто така, подносителот смета дека не можело да се донесува Упатство за примена на дел од законите и на одделни одредби од законите и другите прописи, и ако за тоа органот е изрично овластен со закон, што не било случај со овој Закон.
Во иницијативата посебно го оспорува делот на Упатството под точка 5, според кој се укажува дека, со денот на влегувањето во сила на Законот за здравствено осигурување престанале да важат одредбите од член 194 од Законот за здравствената заштита по однос на надоместокот на трошоците за закоп, затоа што со “Упатството” не можело да се предвидува престанок на важење на одредба од Законот за здравствената заштита.
И на крајот Известувањето не било во согласност со член 52 од Уставот затоа што не било објавено во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт не е упатство како што е наведено во иницијативата, туку известување на Фондот за здравствено осигурување упатено до подрачните единици на Фондот во врска со примената на Законот за здравствено осигурување. Особено се укажува на преодните одредби од овој закон со кои се уредува прашањето за престанок на важењето на одредби од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/91, 46/93 и 55/95), меѓудругото и на членот 194 од овој закон со кој беше утврдено право на надоместок за погребни трошоци.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Тргнувајќи од содржината, Судот утврди дека оспореното известување не преставува пропис во смисла на член 110 од Уставот. Имено, Известувањето не утврдува права од здравственото осигурување, туку само укажува на примената на одделни одредби на Законот за здравствено осигурување со посебно внимание на преодните одредби од овој закон со кои се уредува прашањето дека повеќе оредби од Законот за здравствена заштита по влегувањето во сила на Законот преставуваат да важат.
Исто така, со оспореното известување се укажува дека со стапувањето во сила на Законот за здравствено осигурување нема да се применува членот 194 од Законот за здравствената заштита со кој беше утврдено право на надоместок на трошоци за закоп од причини што Законот не го предвидува ова право како право од здравственото осигурување.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 40/2001
27 јуни 2001 година
Скопје
сгј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов