У.бр.65/2001

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 118 став 1 во делот “и во приватниот живот” од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на РМ” бр.59/96 и 25/98).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот дел од член 118 став 1, затоа што со него се ограничувала приватноста на нотарот гарантирана со Уставот што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, членовите 9, 25, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од законот е сместена на Глава ЏИИ во која е уредена дисциплинската одговорност на нотарите (дисциплински повреди и санкции).

Во член 118 точка 1 е предвидено дека “Ако нотарот со своето однесување во работата и во приватниот живот ја нарушува честа и угледот или ја доведува во прашање довербата на нотарската служба, ако ја повреди службената должност, особено ако противзаконито ги врши службените дејствија или по своја вина ги одолжува, ќе се казни поради неуредност или дисциплинска повреда.

Во членовите 119 се утврдени казните кои можат да му бидат изречени на нотарот поради неуредност, а во член 120 се утврдени казните за дисциплински повреди што можат да му бидат изречени на нотарот.

4. Според член 8 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, покрај другите, темелни вредности на Уставот на РМ се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватност на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот.

Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи “секој човек има право на почитување на неговиот приватен и смеен живот, домот и преписката”.

“Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество”.

5. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби а посебно член 25 од Уставот произлегува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста. Почитувањето се однесува на должноста и обврската на секого спрема другиот, а заштитата е основа за должност и обврска на државните органи да ја обезбедат приватноста со својата непосредна активност или посредно по барање на граѓанинот пред судските и другите власти кога приватноста е повредена или загрозена.

Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана на кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари и меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Гарантирањето на оваа приватност подразбира забрана за јавно изразување на тајни настанати во личниот и семејниот живот и тоа не само со забрана за јавно изнесување туку и забрана на несоодветен начин да се дојде до сознанија или информации за приватниот семеен живот на човекот и граѓанинот.

Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот исто така е обврска на луѓето во меѓусебното однесување и комуницирање.

Угледот е вредносна категорија која човекот ја стекнува или губи во зависност од своето однесување во даден систем на обичаен и морален општествен кодекс. Кога е во прашање проценувањето на угледот пред се треба да се тргне од актуелните својства и однесување на поединецот што можат непосредно да се поврзат со барањето на вршењето на некоја професија. Тоа значи дека поединецот кој врши одредена јавна функција должен е не само да го почитува достоинството и угледот на луѓето во меѓусебните односи, туку постои и обврска тој со своето однесување да не го нарушува честа и угледот на јавната служба чии репрезент е и тој.

Ова дотолку повеќе што законодавецот уште при утврдување на условите што треба да ги исполнува лицето кандидирано за нотар, покрај другото, предвидел дека за нотар може да биде избрано лице кое ужива углед за вршење на нотарска функција.

6. Со оглед на изнесеното Судот смета дека во конкретниов случај законодавецот со предвидувањето на мерката дека нотарот ќе се казни поради тоа што тој со своето однесување и во приватниот живот, покрај другото, ја нарушува честа и угледот на нотарскаа служба, немал за цел да се впушти и да го ограничи приватниот живот на нотарот, туку во случајов објект на заштита е честа и угледот на нотарската служба како јавна функција која е нарушена со однесувањето на нотарот.

7. Според тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.65/2001
27 јуни 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов