Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јуни 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на ЈП “Комуналец” од Кавадарци за одредување на манипулативните трошоци број 02-28 од 14.02.1996 год.
2. Зоран Манчев од Кавадарци преку адвокатот Манчо Манчев на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение затоа што смета дека со оспорената одлука, за корисниците на услугите од вода и смет всушност се воведувала посебна јавна давачка, бидејќи според него наплатувањето на манипулативните трошкови кои се определуваат со оваа одлука заради покривање на трошоците за работа на службата која ги изготвува наплатните белешки е неосновано, со оглед дека вработените во ЈП “Комуналец” од Кавадарци за тоа примале плата.
Поради наведените причини, оспорената одлука била во спротивност со Законот за системот на општествена контрола на цените и други закони, како и со членовите 33 и 68 од Уставот на Република Македонија, според кои даноците и другите јавни давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија со закон.
Во иницијативата подносителот наведува и тоа дека за истата оваа одлука своевремено поднел иницијатива до Уставниот суд, но оваа негова иницијатива со Решение У.бр.160/97 од 29.10.1997 год. била отфрлена, бидејќи Судот утврдил дека ЈП “Комуналец” од Кавадарци немало донесено таква одлука што било неточно, а како доказ за тоа, со оваа иницијатива приложува фотокопие од одлуката што го добил заедно со одговорот од Народниот правобранител, по повод неговото обраќање до тој орган.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорената одлука се утврдува дека при изгот вувањето на наплатните белеш-ки за услуга од вода и смет се одредуваат манипулативни трошкови за секоја наплатна белешка, во висина од два денари и дека овие трошоци претставуваат покривање на трошоците за работа на службата која ги изготвува наплатните белешки.
4. Во член 15 став 1 од Законот за облигационите односи, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот се применуваше како републички пропис, беше утврдено дека во засновувањето на двостраните договори учесниците поаѓаат од начелото на еднаквата вредност на взаемните давања. Ова начело на истоветен начин е утврдено и во член 8 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на РМ” бр.18/01) со чие влегување во сила престана да важи сојузниот Закон за облигациони односи.
Од изнесените одредби произлегува дека односите поврзани со наплатување на сметките за потрошената вода и сметот се дел од облигационите односи што настануваат меѓу претпријатијата за вршење комунални услуги и корисниците на тие услуги. При тоа, во овие односи согласно член 15, односно сега член 8 од Законот, задолжителен е принципот на еквивалентност на меѓусебните давања кои според мислењето на Судот се протега не само во однос на дадената услуга за испорака на вода и изнесување на смет и наплатената цена на тие услуги, туку и во однос на направените трошоци на претпријатието за изготвува-њето на сметките и цената што ја плаќаат граѓаните на име на покривање на тие трошоци.
Оттука, според мислењето на Судот, наплатувањето на овие трошоци и тоа во фиксен износ за сите сметки не претставува јавна давачка, но за тоа има основ во Законот за облигационите односи.
5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.17/2001
13 јуни 2001 год.
Скопје
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов